И покрај тоа што воопшто не би ви пречело ако месечниот циклус отиде некаде далеку и не се врати никогаш повеќе, постојат одредени проблеми кои не смеете да си дозволите да ги игнорирате. Нередовниот месечен циклус, крварењето меѓу циклусите и други слични проблеми можат да бидат знак за некој посериозен проблем. Овие црвени знаменца значат дека треба да го посетите вашиот гинеколог и тоа веднаш.
Прескокнување на месечниот циклус
Ако прескокнете два или повеќе месечни циклуси (а при тоа сте сигурни дека не сте бремени), тоа може да се должи на низа на различни и не толку добри нешта. Причините за прескокнување на месечниот циклус варираат во зависност од возраста. Ако месечниот циклус изостанува кога имате 25 години, тоа е сосема поинаку од кога изостанува кога имате 50 години.
Жените во 40тите и 50тите години најчесто искусуваат перименопауза, период кој и предстои на менопаузата. Како што вашите јајници престануваат да произведуваат естроген, така циклусите стануваат помалку фрекфентни. Циклусите можат да бидат и пократки и помалку обилни. Кога месечниот циклус изостанува 12 месеци, тогаш сте во менопауза. Просечната возраст за влегување во менопауза е 51 година.
Кај помладите жени изостанувањето на месечниот циклус значи нешто сосема друго. Една од причините може да биде интензивното вежбање. Во просек кај 5% до 25% од женските атлети се јавува изостанување на месечниот циклус кога интензивно вежбаат. Овој феномен е чест помеѓу балерините и атлетите. Интензивното вежбање може да влијае на производството и регулирањето на хормоните кои се вклучени во месечниот циклус.
Од слични причини, жените кои патат од пореметувања во исхрана исто така искусуваат изостанување на месечниот циклус. Рестрикциите во внесувањето на количество на калории може да го намали производството на хормони кои му требаат на телото за да овулира.
Другите можни причини за изостанување на месечниот циклус се проблеми со тироидната жлезда, пореметување на хипоталамусот, прекумерна тежина, орална контрацепција, стрес, синдром на полицистични јајници, и други пореметувања на матката.
Освен редовниот гинеколошки преглед и ехо, вашиот доктор може да ви препорача преглед на крвна слика, преглед на состојбата на хормоните, па дури и тестирање на тироидната жлезда и сл. ако смета дека тоа е потребно.
Ненадејни интензивни или влошени грчеви
Месечниот циклус воглавно не е најпријатниот период од месецот. Поголем дел од жените искусуваат грчеви поради контракциите на матката за време на месечниот циклус. Вообичаено оваа неудобност е блага и се губи по ден или два.
Но, кај некои жени овие симптоми се толку лоши што не можат да станат од кревет. Ако грчевите се влошат толку што „сакате да умрете“, тоа може да е знак на низа состојби. Овие болни месечни циклуси се нарекуваат дисменореа и можат да бидат проследени со симптоми како диареа, вртоглавица, повраќање, главоболка и болка во кичмата.
Понекогаш болката е резултат на самиот месечен циклус, а кај некои жени може да биде предизвикана од состојби како ендометриаза или фиброиди. За да се открие изворот на проблемот потребен е гинеколошки преглед и Пап тест, како и други дијагностички тестови како ехо или лапароскопија.
Крварење меѓу циклуси
Крвавите точки, или помалото крварење меѓу циклусите може да биде сосема бенигна појава (особено ако користите контрацептивни пилули или како резултат на иритација во вагиналниот предел), но сепак треба да го консултирате вашиот доктор. Ова може да биде знак на циста, полип, или инфекција (како бактериска вагиноза) и сл.
Обилно крварење
Што всушност значи „обилно крварење“? Во суштина ако треба да го менувате тампонот или улошката на час до два, вие сте кандидат. Повеќето жени крварат 2 до 3 лажици крв секој месец, додека пак жените со обилни циклуси можат да изгубат 5 или повеќе лажици крв месечно.
Кога крварењето е интензивно вие губите железо. На вашата крв и треба железо за да произведува хемоглобин, молекулата која им помага на црвените крвни клетки да го пренесуваат кислородот низ телото. Без доволно железо бројот на црвени крвни клетки се намалува што доведува до анемија. Знаците на анемија можат да бидат недостаток на здив, невообичаено бледа кожа и омалаксаност.
Доколку често искусувате обилни крварења посетете доктор кој ќе ја провери вашата крвна слика, односно нивото на железо во крвта.
Меѓу состојбите кои можат да предизвикаат обилно крварење се полипи, ектописка бременост, спонтан абортус, употреба на одредени медикаменти, промена на оралната контрацепција, проблеми со засирување на крвта, па дури и рак на матката.
Кога треба да посетите доктор?
Секој циклус кој е различен од вообичаениот е знак дека треба да посетите гинеколог, особено ако непријатностите кои ги искусувате ве спречуваат во вообичаените активности.
Без размислување посетете го вашиот гинеколог доколку:
- Вашиот месечен циклус прераснал од редовен во нередовен.
- Вашиот циклус се јавува почесто од 21 ден, или поретко од 35 дена, и тоа се повторува неколку циклуси по ред.
- Крварите подолго од седум дена.
- Циклусите престанале во тек на 12 месеци по ред (менопауза) и сега повторно крварите.
- Треба да го смените тампонот или влошката на еден час, неколку часа по ред.
- Крварите меѓу месечните циклуси.
- Искусувате многу болни циклуси.