Додека повеќето телефони во денешно време се задоволуваат со 3 или 4 гигабајти RAM (iPhone 6 поседува само 1GB), институцијата за сертифицирање на мобилни уреди во Кина, наречена TENAA, објави детали за нов модел со 8GB меморија…
Станува збор за телефон на кинескиот гигант ZTE, поточно моделот Nubia Z9. Според спецификациите, овој уред поседува неколку уникатни карактеристики – пред се, тука е 5,15 инчниот екран со FullHD резолуција од 1920 x 1080 пиксели, кој поседува FiT (Fringe Interactive Technology), која му овозможува на корисникот да менува апликации, да зголемува осветлување и слични функции преку лизгање со прстото на ивицата од екранот.
Работите стануваат поинтересни во внатрешноста – според TENAA, телефонот ќе поседува octa-core процесор кој ќе работи на високи 3,5GHz (рекорд на пазарот) и ќе поседува дури 8GB RAM меморија.
Повеќето шпекулираат дека ова е грешка, поточно процесорот работи на 2,5GHz, но што е со меморијата? Дали можеби станува збор за интерната меморија за складирање на податоци, додека пак RAM меморијата ќе биде 3GB или 4GB?
Меѓу останатите спецификации се задна камера со резолуција од 16 мегапиксели, предна камера со резолуција од 8 мегапиксели, поддршка за две сим-картички и Android 5.0 оперативен систем. Цената се очекува да биде над 600 долари, а продажбата би започнала во текот на летото.