Кинеската компанија Suzhou Eagle (Орел од Сужоу) дојде до една сосема луда идеја за на Саемот за автомобили во Шангај да го претстави својот електромобил, добиен со “вкрстување” на Porsche Cayman и Ferrari F12berlinetta!
На саемот за автомобили во Шангај, кој е моментално во тек, Кинезите, следејќи го својот добар и стар обичај претставија уште една копија од познатите модели, во овој случај подобро кажено, “Франкенштајн” кој настанал при “фузија” на Porsche Cayman и Ferrari F12berlinetta!
Токму така, верувале или не, кинеските дизајнери од компанијата Suzhou Eagle сметаа дека во еден автомобил можат да вклопат дизајнерски елементи од овие два спортски автомобила, а за нештата да бидат уште поинтересни, така добиеното чудовиште ѝ е прикажано на публиката во една сосема непривлечна интензивно зелена боја!
Колку се Кинезите всушност предадени во копирањето на овие големи производители говори и фактот дека дури и логото на возилото е во стилот на Porsche, покрај секако ознаката Eagle (орел)! На сета среќа (или жалост) и ентериерот е во стилот на Porsche, единствено што инструмент таблата кај “Кинезите” е дигитална…
Овој несекојдневен “Франкенштајн” го придвижуваат електромотори кои обезбедуваат 600 Nm вртлив момент (податок за моќноста не постои!), а со масата од сè на сè 800 килограми (звучи неверојатно, зарем не?), забрзувањето до 100 километра на час изнесува 4.8 секунди!
Она што звучи смешно е и податокот за максималната брзина која изнесува 120 km/h (верувале или не!), со оглед на фактот дека енергијата се црпи од батерии чиј капацитет изнесува сè на сè 9 kWh. Со самото тоа ниту автономијата од околу 260 километра и не е нешто со кое “кинескиот орел” би можел да се пофали!
Цената за овој автомобил сè уште не е оформена, а прашањето кое се поставува е дали воопшто некогаш ќе дојде до сериско производство, имајќи го предвид и онака бизарното и буквалното копирање на големите имиња!