Темата за лоши наспроти добрите момци е постојана, но воедно сè почеста е дискусијата за тоа зошто добрите девојки многу често се сами. Ставот дека лошите момци и девојки постојано се во предност е присутен кај многумина, но од другата страна на паричката стојат оние добрите.
Да се најде златната средина во некои случаи е потешко да се изведе одошто се чини. Но, доколку не сакате постојано да бидете прегазувани и ако сакате да го задржите туѓото внимание треба да станете личност со став. А тоа значи дека треба попаметно да се однесувате како при додворувањето, така и во врска.
Полека станувате личност без карактер
Оној што очајно сака да задржи некого, многу често почнува да го губи својот идентитет и воопшто не е свесен за тоа. Ако мислите дека тоа што ќе станете безгласна буква и постојано ќе се согласувате со него/неа за сè е добар избор, комплетно грешите. Ако ништо друго, доколку некој не е заинтересиран за вас, барем по некое време нема да се каете што сте се однесувале толку очајно. А очајот и тоа како се познава. Само што во моментите на слабост многу тешко гледате што правите. Затоа држете се до себе. Тоа не значи дека спаѓате во „добрите“ или „лошите“, туку дека останувате свои, а другата личност треба да го прифати тоа.
Како сакаш ти…
Ве прашува каде сакате да одите, кој филм да го гледате или нешто друго, а вас секој одговор ви гласи – како сакаш ти. Префрлањето на сите одлуки на неа/него нема да направи личноста да се заљуби во вас, туку поголеми се шансите да почне да мисли дека е со личност која нема став за ништо. Не е страшно, ако не се согласите со нешто. Размислете на долги патеки – ќе дојде момент кога ќе треба да донесете некоја голема одлука. Ако дотогаш не се слушал вашиот глас, после тоа веројатно нема ни да ве прашуваат што мислите.
Премногу комплименти
Нема личност што не сака комплименти, но ако претерате со нив (затоа што не знаете како поинаку да покажете интерес) и ги изговарате постојано и непотребно, не само што ќе станете напорни туку и ќе делувате како личност што изговара празни комплименти кои немаат значење. Ако премногу често ги делите тие делуваат навистина неискрено. Оние повремени и спонтани комплименти имаат далеку поголемо значење. Ова важи и за моментите кога се додворувате и кога веќе сте во врска.
За сè имате разбирање
Не е во ред да судите „на прва“, ама исто толку погрешно е да имате разбирање за сè. Не значи дека сè што прави другата личност е дозволено и треба да се оправда. Добар дел од луѓето се воспитани да бидат пристојни и да не се препираат околу туѓиот избор и постапки, што е сосема во ред, но кога таа личност е вашиот партнер односно партнерка постои граница. Ако имате морални граници што другиот ги преминал, не треба да го премолчите тоа, затоа што кога-тогаш ќе си дозволи да ве прегази и вас.