Тешко ми е кога слушам лошо за тебе. Јас сепак те сакав…

popara29 август, 20152min00
2

Тешко ми е кога слушам лошо за тебе. Јас сепак те сакав. Те гушкав со часови. Те бакнував најискрено. Денот ми почнуваше со помислата на тебе. Не е сеедно. 
  Не беше совршена. Никој не сме. Јас имам милион маани. Знам да оставам неред зад себе. Да не ја кренам масата. Да се однесувам како бебе. А, ти ме прифаќаше таков каков што сум. Ме поддржуваше. Ми ги слушаше моите луди идеи. Ме чекаше доцна од фудбал, изморен и гнасен. Дури и тогаш ми се насмевнуваше.
     Бев среќен со тебе. Многу.

   Не знае светот за нашето. Не знае колку сме се смееле на глупави филмови. Дека се однесувавме како деца. Сакавме да шетаме и на дождот. Си ја бојадисавме нашата соба јас и ти сами. Ти подготвував и доручек. Се преправаше дека е вкусен, дека сум знаел да готвам, но не е важно. Ти се грижеше за мене. Јас се смеев поради тебе. Си доаѓав рано само за да те видам. Ми го слушаше секој проблем. Беше решението ти. Мојот столб,  мојата куќа.
     Да, јас знаев како изгледа среќата со тебе.

     Се сеќавам на нашата годишнина. Пробав да бидам романтичен, ама секогаш испаѓав будала. Ти ми се смееше, а тоа беше единствената музика што сакав да ја слушнам. Ми се лутеше, велеше да не се правам паметен, но јас дури и тогаш те сакав. Ти беше мојата паметница. Мојата сакана. Можев со часови да те гледам додека спиеш. Да паѓам за спиење, но не ми беше потребно тоа кога мојот сон беше ти. Мојата иднина беше ти. Никогаш не ни помислував да те оставам, да се откажам од тебе, да те немам.
     Никогаш не помислив дека ќе биде како денес. 
     
    И, не е лесно понатаму сам. Не знам како се создава среќа без тебе. Како ќе погледнам други очи кога во нив ги барам твоите. Ќе очекувам од неа да прави сѐ што правеше ти. Да ѕвони телефонот со твоето име. Да излезеш од аголот. Да те чекам на нашето место. И кафето не е исто. Тажните песни имаат сега смисла. Денот нема. Среќата моја можеби ќе се преименува. 
      Но, кое е тоа време кое ќе излечи сѐ?
      Дали некоја ќе те замени?
      Некогаш навистина фалиш. Ужасно.

      Животот продолжува. Ќе се најде по некоја будала да те спомне. 
      Јас ќе се насмевнам. Ќе покажам дека не боли. 
      Дека не си ми важна. Дека си дел од минатото. 
      Само една поранешна девојка. Стар број во телефонот. 
      Уште едно искуство. 
    Девојка со која сум одел во кино, на кафе, сум ја водел по свадби, на Нови години, по дискотеки, пред фамилија, сум ја натерал да игра и видео-игри, и да прави ливче, и да ме гледа кога играм, и да ме трпи кога пијам. 
      Да ме смирува кога викам. 
      Ти беше моето подарено мече за Валентин, мојата прва честитка за празник и роденден.
      Ти беше моето најубаво добро утро и најслатка добра ноќ.
     
     Знам дека ќе слушам сѐ и сешто. Некогаш добро, некогаш лошо. Но, секогаш ќе ми потскокнува срцето кога ќе те спомнат, кога ќе те сретнам, кога ќе те сетам. И тогаш кога ќе бидам стар. Ти ќе бидеш секогаш дел од мојот живот. Еден од најубавите. 
       Ќе те спомнуваат, знам. Ќе ми биде тешко, знам…
       
       Како и да е, со тебе убав ми беше животот.
       Со тебе бев среќен.

escort - Korsan taksi - anlaşmalı boşanma -

loodgieter den haag