Осумнаесетгодишната Русинка Јулија Винс е доказ дека убавината и силата можат да бидат несекојдневна комбинација. Оваа млада девојка има лице на барбика и тело на вистински бодибилдер.
Јулија има многу обожаватели во Русија поради несекојдневниот изглед, пренесува Mirror. Но, нека не ве залажува нејзиното нежно лице, Јулија држи три рекорди во кревање тегови.
„На луѓето сум им позната како мускулестата Барбика, ми се допаѓа таа споредба, убава е. Имам крупни очи и се шминкам, но во исто време сум многу силна“, вели девојката која крева тегови од 180 килограми.
Уште од детството, сите ѝ се обраќале со зборовите „убава како кукла“. Но, барајќи повеќе во животот, а не само да ја третираат како убавица, таа на 15 години почнала да тренира.
„Моето тело не беше во иста хармонија со мојата душа, нешто не одеше како што треба. Не бев заинтересирана за спорт, бев изгубена. Помислив дека треба да изградам сила и доверба со вежбање во теретана. Така започнав со кревање тегови,“ раскажува оваа млада девојка.
По една година нејзиниот тренер забележал дека има потенцијал во неа и започнала да вежба три до пет часа, четирипати неделно. Ја трансформирала и исхраната, сега јаде пет до шест мали оброци на ден кои се состојат од пилешко месо, сирење, јајца, ориз и зеленчук.
Во август 2014 година го освоила шампионатот во кревање тегови во Москва.
„Секогаш сум нашминкана, дури и кога вежбам. Мислам дека е важно да изгледам атрактивно во секоја ситуација. Се грижам косата да ми е средена, ја сакам модата но малку е тешко да се најде облека за мојот број, бидејќи не е стандарден“, објаснува Јулија.
Таа додава дека нејзините родители не се мешаат во нејзиниот животен избор, додека најчесто вежба заедно со Сергеј, нејзиниот партнер.