Многу работи во светот не се направени затоа што некој немал доволно храброст. Многу идеи се заборавиле, затоа што некој се плашел да ги започне.
Колку соништа останале неостварени, затоа што некој се откажал? Зар има нешто пострашно да се откажеш од својот сон, својата желба, својата љубов?
Нема ништо поболно од мигот кога балонот ти летнува од раката и се вивнува недостижно далеку и високо.
Го држеше цврсто, затоа што го сакаше, ти беше омилен, најубав. Те правеше да се чувствуваш среќно и исполнето. Му се радуваше. Тој ја будеше секоја твоја насмевка.
И во еден миг ти досади. Помисли дека немаш што повеќе да правиш со него, па реши да ја отвориш дланката во која цврсто ја држеше неговата врвка. Мислеше заборавил да лета.
Но, не кажа ништо. Не кажа колку го сакаш. Само го држеше цврсто до тој миг. Го држеше додека те правеше среќна. Твојата среќа зависеше од него. До тој миг.
Полека се оддалечуваше кон облаците. Се оддалечуваше како љубовта на која немаше храброст да ѝ признаеш колку ти треба.
Се оддалечуваше како љубовта која немаше храброст да ја погледнеш во очи. Како љубовта на која немаше храброст да ѝ возвратиш со љубов.
Тој се заплетка во твојата рака и не сакаше да си оди, но ти немаше храброст да го врзеш во цврст јазол за никогаш да не замине.
Јазол од неколку зборови кои го врзуваат срцето кое најсилно чука. Го смируваат и најбрзиот пулс и го прегрнуваат немирното тело, го скротуваат погледот што лута.
Немаше храброст, а сепак го направи најстрашното нешто. Го испушти она што најмногу го сакаше. Затоа што немаше храброст да го задржиш.
Да имаше малку повеќе храброст да кажеш, немаше да се пукне балонот. Немаше да се скрши срцето, немаше да се откажеш од љубовта.
Да имаше малку повеќе храброст да ја чуваш најголемата среќа…