Имотот Hacienda Nápoles веројатно е местото за кое што секое момче во Колумбија сонува. Од едната страна на луксузната вила се наоѓа картинг патека, а од другата страна пак е зоолошката градина со егзотични животни. Тука е и прекрасниот базен со загреана вода.
Момчето кое што денес се вика Себастијан Марокин го имал сето тоа, но неговото растење во рајското место е далеку од совршено. Единствен виновник за тоа е неговиот татко – Пабло Ескобар. Најмоќниот наркобос на сите времиња кој што цела една деценија немилосрдно ги ликвидирал сите свои противници, па дури и министри и претседателски кандидати.
Себастијан Марокин, кој што тогаш се викал Хуан Пабло Ескобар, го поседувал целото богатство на светот, но ниту најмалку не уживал во него. Неговите единствени пријатели во тоа време биле телохранителите.
– Имав 30 мотори, а не можев да ги возам. Тоа е иронично. Сега го немам целиот тој луксуз, а сепак се чувствувам како милионер бидејќи имам своја слобода, тврди Себастијан на кој што не му паднало ниту на крајот од умот да тргне по чекорите на својот татко.
Денес тој е угледен архитект и голем борец против нарко-мафијата. Откако станал полнолетен, најпрво што направил е промената на личното име. Своето ново име го пронашол во – телефонскиот именик. Иако и ден денес продава маици со ликот на својот татко, Себастијан не сака да има никакви врски со човекот кој што повеќе од две децении тероризираше голем дел од Колумбија. На крајот тој дури и се спријателил со децата чии што родители биле жртви на теророт на Ескобар.
Себастијан објавил и книга под името “Пабло Ескобар: Мојот татко” во која што ги опишува сите бизарни детали од раскалашениот живот на својот татко во кој што дури и танчерките на неговите забави дома се враќале побогати за неколку десетина илјади долари. Исто така пишува и дека Пабло понекогаш знаел да ги активира хеликоптерите ако неговите деца посакале нешто од рестораните за брза храна.
https://www.youtube.com/watch?v=-eny47Q2Kww
– Имав чудна привилегија да му бидам син токму на Пабло Ескобар. Свесен сум кој е тој и што бил некогаш, но ако мислите дека ќе кажам дека беше лош татко, тогаш лошо се лажете. Тој беше многу грижлив татко. Ми кажа дека ги пробал сите дроги на светот освен хероинот, но и ми кажа никогаш да не ми падне на памет да го направам истото. Прво правило беше – никогаш не се дрогирај. На своите работници кои што пушеа “трева” пред мене знаеше да им се закани и со убиство. Ден денес чувам илјадници од неговите писма во кои што ме советува да бидам добар човек, добар ученик и да стојам понастрана од дрогата, изјавил Себастијан во разговорот за AFP.
Најлош период во животот на Себастијан биле моментите кога таткото “го влечел” со себе за време на бегањата од власта.
– Секои два дена менувавме безбедни куќи. Мислам дека променивме 15 локации ширум Меделин. Кога не преместуваа, ни ставаа превез преку очите за случајно да не ја издадеме локацијата ако не фатат. Пабло дури во еден момент купил и цела такси компанија само за да може да контролира кој влегува, а кој излегува од градот, изјавил синот на прочуениот нарко-бос.
– Во целата приказна парите беа и најмал проблем. Лично бев сведок како тој еднаш запали 2 милиони долари само за да нè стопли и да ни подготви вечера, раскажува Себастијан.
Во разговор за Independent тој изјавил дека на 11 години бил сведок како неговиот апартман буквално летнал во воздух откако некој поставил бомба.
– Мама и јас го молевме да престане со целото насилство, но тој ни одговори дека дошол до точка до која што нема враќање назад, вели тој.
И додека Владата го сметала за непријател број еден, обичниот народ од Меделин го обожувал Пабло. Себастијан открива и како Ескобар постојано градел фудбалски игралишта и училишта само за сиромашните деца да не завршат во пеколот на дрогата.
Животната авантура на “Кралот на кокаинот” завршила во 1993-тата година, кога наводно бил убиен од страна на специјалци. Но неговиот син сто отсто верува дека Пабло не бил убиен од никого, туку дека извршил самоубиство.
– Тој ја испланирал својата смрт, тука нема никаква дилема, изјавил Себастијан.
Од големото богатство на својот татко тој денес нема ништо. Веднаш после смртта на Ескобар, тогаш 17-годишното момче побегнало во Аргентина.
– Бев потполно збунет во тоа време. Ја мразев Колумбија, па дури и им се заканував на властите. Меѓутоа веќе десетина минути потоа жалев поради сето тоа. Попатно и сфатив дека после смртта на својот татко, следниот на нишанот би можел да бидам токму – јас.
Набрзо малиот Ескобар го променил своето име, но и целиот свој живот. Започнал да студира архитектура и да држи говори против насилство и дрога. На крајот и признал дека неговиот татко бил далеку од херој.
– Горд сум на себе! Можев да станам Пабло Ескобар 2.0. Дури можеби и поопасна верзија од својот татко, бидејќи имав огромни шанси да го наследам картелот. Но, јас одлучив да студирам и легално да успеам во животот, вели на крајот Себастијан.