Ја сакав, премногу ја сакав. Таа беше најдобрата девојка која некогаш сум ја запознал. Не мораше да прави ништо за да ме привлече, едноставно беше магична. По неколку месеци исполнети со љубов, страст, разбирање отидов до најскапата продавница за накит и го одбрав најскапиот веренички прстен. Го изнајмив нејзиниот омилен ресторан, преку нејзината колешка го организирав оркестарот со кој таа диригираше, повикав аранжери за ја украсат салата со многу цвеќе и ја одведов на вечера.
Беше изненадена, но не колку што очекував. Вечеравме додека нејзините колеги свиреа филмска музика. Станав, клекнав пред неа и ја запрашав дали сака да се омажи за мене. Таа, непријатно изненадена само ми кажа дека никогаш не планирала да се омажи. Истрча од ресторанот. Јас останав уште понепријатно изненаден, понижен, гневен, бесен.
Само неколку месеци подоцна таа се омажи за друг. Гледам на Facebook продава дека има идеален живот, но јас знам дека не е така. Во овој град не можеш да скриеш ама баш ништо. Сакам да и кажам неколку работи на мојата несудена сопруга:
Сакам да ти кажам дека доколку останеше со мене ќе имавме прекрасен живот. Немаше да има потреба постојано да ги криеш модринките што тој гад ти ги нанесува.
Немаше да има потреба да се јавуваш по болници и полициски станици за да прашуваш каде е твојот сопруг кој веќе три дена не стапнал на куќниот праг.
Јас ќе го сакав нашето дете, твојот сегашен сопруг на моменти, од премногу алкохол и дрога заборава како му се вика сопствениот син.
Кујната ќе ни беше полна со храна, цвеќиња, зачини, а не со испразнети лименки од пиво и шишиња од жестоки пијалаци.
Сметките ќе ни беа платени само што ќе стигнеше платата, наместо да мислиш како да го нахраниш сопственото дете, бидејќи тој што ме замени не само што ги троши парите на неговите мама и тато, туку ги троши твоите и оние на твоето најмило.
Знам дека те болат моите зборови и се извинувам за тоа, но мене ме боли твојата постапка. Цел живот, како солна киселина ќе ми го нагризува срцето. Боли до коска, боли до умирачка.
Ако некогаш посакаш да се вратиш те чекам на балконот каде замислувавме желби и ги планиравме летните одмори за идните четириесет години. Те чекам со ширум отворени раце.