Уште на почетокот треба да се каже дека Veyron е супер автомобил меѓу супер автомобилите. Станува збор за ремек-дело во автомобилската индустрија, слично како што Concorde своевремено беше во индустријата на комерцијални авиони или пак Blackbird во военото воздухопловство – технолошко чудо што тешко ќе може да се надмине од некој друг производител, бидејќи не се исплаќа да се направи нешто слично само поради публицитет. Ако им се верува на аналитичарите и нивните пресметки, Volkswagen, компанијата која е сопственик на Bugatti, по секој произведен Veyron модел кој го продава за милион евра всушност губи четири. Не четири евра, туку четири милиони евра!
Но тоа мора да е заблуда, зошто такви вртоглави суми кога Veyron веќе не е ниту најбрзиот автомобил во светот? Навистина, титулата му ја одзеде Hennessey Venom GT кој го надмина претходниот рекорд од 432 km/h со максимална брзина од 435 km/h, но крајната брзина е само дел од приказната кога станува збор за автомобилското чудо од Молсајм. Додека другите автомобили со брзина поголема од 350 km/h оставаат впечаток како да ќе се распаднат кога ќе дојдат до своето брзинско ограничување, луѓето кои имале можност да се возат во Veyron при неговата максимална брзина, тврдат дека воопшто не се чувствува разлика во однос на возењето при помали брзини.
Veyron е конструиран така што дури и при 400 km/h патниците и натаму може непречено да уживаат во луксузот и комоцијата на автомобилот, кои се еквивалент на комфорот во ултра луксузните лимузини (дизајнот на ентериерот е потпишан од страна на модната куќа Hermes). Како тоа да не е доволно, VW ги ставил своите инженери на дополнителни маки со барањето возилото да се приспособи и за на тркачка патека, но и за секојдневно возење. За модел чиј мотор развива доволно вртежен момент да повлече куќа од своите темели, Германците барале стандардни сервисни интервали. Затоа, не чуди што развојот на Veyron траеше цели четири години и чинеше половина милијарда евра.
После сето ова, не изненадува фактот што Bugatti Veyron чини милион евра.
На крајот, да потсетиме дека на неодамна одржаниот саем за автомобили во Женева, Bugatti го претстави последниот, 450-ти примерок од моделот Veyron, со целосно име Veyron Grand Sport Vitesse La Finale. Притоа производителот потврди дека работи на развој на наследникот на Veyron, за чии карактеристики засега нема официјални информации.