Сите ние кога ќе отидеме во црква најчесто палиме свеќа, но малку од нас знаат навистина каква е симболиката на свеќата и значењето на овој христијански чин. Бидејќи Велигден е на прагот, добро е да ја прочитате оваа статија и кога следен пат ќе запалите свеќа, веќе ќе знаете што претставува нејзината светлина…
Палењето свеќа има длабока симболика, Светиот Симеон Солунски ни кажува дека свеќата ги има следните значења:
- Ја симболизира чистотата на нашата душа, зашто е направена од чист восок.
- Мекоста на душата врз која можеме да напишеме било што.
- Божјата Благодат, зашто восокот доаѓа од мирисни цветови.
- Обожувањето, кое треба да го достигнеме, зашто таа се пали со оган и го храни.
- Светлината Христова, која ја гори и осветлува темнината.
- Љубовта и мирот, особини на секој Христијанин, зашто, додека гори, таа со својата светлина го просветува и утешува човекот кој е во темнина.
Палејќи свеќа ние треба да се потсетиме дека треба да живееме во светлината која сме ја добиле преку крштевањето (просветување).
Восокот од кој се прават свеќите треба да биде чист, а се добива од пчелите кои го собираат само добриот полен од цветовите. Восокот го симболизира и начинот на кој Огнот, односно Божеството, се соединува со душата и ја омекнува и просветлува и неа и оние кои се во нејзино опкружување. Свеќата, како што гори, ја просветлува околината. Така и совесниот Христијанин, кога се жртвува за Божјата љубов, ги просветува луѓето и им го покажува патот на спасението.
Кога се оди во Храмот, верникот треба да запали свеќи за живите и за покојните. Тоа треба да биде проследено со молитва, за живите да бараме милост и заштита, а за покојните успокојување и спасение на душите.
Свеќата на крштението ја симболизира духовната светлина која ја прима новопросветениот и која треба да ја сведочи и покажува пред луѓето. Свеќите на погребот, гробот и поменот ја симболизираат светлината Христова, која се молиме да го просвети покојниот и да го упокои на место светло, блажено, каде нема тага, ниту воздишка, но живот бесконечен. Полиелејот во Храмот ја симболизира небесната црква, каде свеќите и кандилата ги претставуваат светителите. Затоа, во манастирите, во одредено време на богослужбата, полиелеите се нишаат, за да се покаже како и небесниот свет учествува во славењето на Бога.