Некои состојки во храната можат многу да помогнат во отстранувањето на целулитот, односно на насобраните маснотии во телото.
Оваа медицински испитана антицелулитна диета е разновидна и богата со различни вкусови и дава брзо видливи резултати. Диетата овозможува слабеење на местата каде што е потребно, но, имајте во предвид дека само слабеењето не е доволно за исчезнувањето на целулитот. За борбата против целулитот е потребна дисциплина бидејќи мора да се води постојано, во подолг временски период. Придржувањето кон оваа диета секако ќе ви помогне во борбата.
Храна која треба да се избегнува: сувомеснати производи, црвено месо, готови јадења, грицки, сосови, мајонез, путер, пржена храна, слатки и торти.
Храна која се препорачува: свежо овошје и зеленчук, ладно цедено маслиново масло, интегрален ориз и тестенини, интегрален леб, печурки, мед, риба, бело месо, интегрални житарки, јогурт и обезмастено млеко.
Сведете ги на минимум солта (избегнувајте коцки за супа, вегета, сосови и сл. бидејќи содржат сол во големи количини), шеќерот и кафето.
Три елементи, кои често недостасуваат во секојдневната исхрана, помагаат во отстранувањето на штетните материи од организмот, и на тој начин во отстранувањето на целулитот.
Сулфур – го има во храната богата со животински протеини како месо, риба, млеко, сирење, јајца. Го поттикнува ослободувањето од наталожените токсини, кои се резултат на неправилната исхрана.
Калиум – го има во млекото, овошјето, житарките, патлиџанот, компирот. Помага во отстранувањето на вишокот течности, со што се ублажуваат отоците.
Витамин Ц – го има во јужното овошје, патлиџанот, магданосот, кромидот, ренот, во свежото и суво овошје… Го зголемува производството на колаген и оневозможува наталожување на масни клетки во ткивата.
Главниот акцент во исхраната треба да се стави на овошјето и зеленчукот бидејќи тие го прочистуваат организмот. Бананите, цитрусното овошје, лубеницата, дињата, компирот и патлиџанот се многу богати со калиум, а шумското овошје како боровинката е богато со биофлавоноиди кои ја помагаат микроциркулацијата. Одличен избор е и ананасот кој е и богат со влакна. Исто така треба да се зголеми и внесот на водата на 2,5 литри дневно (сметајќи ја и водата во храната) поради елиминација на отровите од организмот.
Многу е важно храната соодветно да се подготвува. Зеленчукот и овошјето се јадат свежи или подготвени на пареа без маснотии, а месото најдобро да се пече на скара со малку маслиново масло.
Пример на план за исхрана за 3 дена
Ден 1
Доручек: филџан кафе (од јачмен по можност), житарици со безмасен јогурт
Ужина: чаша исцеден сок од портокал
Ручек: салата со школки и пиперка, салата од патлиџани и рикола
Ужина: шумско овошје попрскано со лимон
Вечера: пилешки гради на жар попрскани со лимон, наместо сол, варен копар со лимон, ананас по желба.
Ден 2
Доручек: филџан кафе (од јачмен по можност), интегрални крекери, мед
Ужина: фрапе од кајсии и манго
Ручек: салата со ориз, спанаќ со лимон, сорбе од лимон
Ужина: една банана
Вечера: моцарела или свежо кравјо сирење, салата од зелен варен зеленчук, ананас
Ден 3
Доручек: филџан кафе (од јачмен по можност) со немасно млеко, интегрални бисквити
Ужина: фрапе од мед
Ручек: супа, интегрален леб
Ужина: кајсии или праски
Вечера: варена бела риба, блитва зачинета со маслиново масло и лимон, интегрален леб, шумско овошје.
Ова е само предлог диета, а доколку имате намера сериозно да се позанимавате со целулитот или вишокот килограми (или и двете) најдобро ќе биде да се обратите на стручно лице, нутриционист, кој ќе ја следи и контролира вашата диета.
Покрај диетата, ви предлагаме и две купки кои ќе ви помогнат во справувањето со целулитот:
Купка од сол и ѓумбир во прав против целулит
Во топла купка се додаваат две до три лажици морска сол и потоа се ставаат 15 г. ѓумбир во прав. По купката задолжително намачкајте се со некоја крема или млеко за тело бидејќи ѓумбирот ја суши кожата и потребно е да се нахрани по третманот.
Купка со бршлен против целулит
100 г. листови од бршлен се варат 10 минути во 1 л. вода, се процедува и течноста се додава во купката. Купката со бршлен ја поттикнува циркулацијата и топењето на поткожните масни наслаги.