Пушењето го уништува здравјето и секој дел од нашето тело ги чувствува последиците од вдишувањето на чадот од цигарите.
Ново истражување со идентични близнаци визуелно покажува дека пушењето видливо го старее лицето.
„Покрај рак на белите дробови и срцеви и мозочни удари, уште една добра причина за да прекинете со пушењето е тоа дека дефинитивно прави да изгледате постари“ – вели дерматологот д-р Елизабет Тазни.
Во истражувањето биле анализирани фотографии од 79 пара идентични близнаци. Тројца пластични хирурзи ги споредувале знаците на стареење и потврдиле дека близнаците кои пушеле имале полоши оценки за подочници, опуштена кожа на образите, брчки околу усните и опуштена кожа на подбрадокот во споредба со нивните браќа или сестри кои не пушеле воопшто.
Истражувачите исто така ги споредувале лицата на близнаци пушачи, но во случаите кога едниот од нив пушел барем 5 години подолго од другиот, и дошле до заклучокот дека оние кои пушеле подолго време изгледале постари од своите браќа или сестри.
Предвременото стареење на кожата од пушењето најмногу е видливо на долните две третини од лицето, велат авторите на студијата. Тие не забележале очигледни разлики меѓу пушачите и непушачите кога станува збор за брчките на челото и брчките на надворешната страна на очите.
Истражувачите зеле предвид и други фактори кои можат да придонесат за стареење на кожата, како консумација на алкохол, стрес од работата и оштетување предизвикано од сонцето.
Целта на објавувањето на фотографиите била да им се даде на луѓето уште една причина плус за да се откажат од пушењето или никогаш да не започнат да пушат.