Истражувањето што го спроведоа стручњаците од Универзитетот во Бристол, покажува дека кафето им помага на жените и го стимулира нивниот мозок во стресни ситуации, додека потполно различно влијае на машките – поспоро реагираат и полошо се снаоѓаат во комплицирани ситуации во кои треба брзо да донесат одлуки.
Во експериментот учествуваа 64 жени и мажи поделени во двојки и сите добија исти задачи што опфаќаа деловни преговори, решавање на сложувалки, загатки и други мемориски задачи. Половина од двојките пиеа кафе без кофеин, додека другата половина консумираа силно кафе со многу кофеин.
Резултатите покажаа дека машките кои пиеа силно кафе, во просек за 20 секунди поспоро ги решаваа сложувалките и загатките во споредба со машките кои пиеа кафе без кофеин.
Исто така и додатните прашања во врска со задачите што требаше да ги извршат, потврдија дека на машките кои пиеа силно кафе драстично им се намали способноста на памтење и точно одговарање на поставените прашања.
Од друга страна, дамите кои пиеа силно кафе беа брилијантни и во просек ги решаваа поставените задачи дури за 100 секунди побрзо од своите колешки кои пиеа кафе без кофеин.
- Бидејќи Англичаните пијат 70 милиони шољи кафе дневно, и бидејќи кофеинот е најкористена дрога на светот, можните импликации на вакви истражувања се огромни – изјави професорката Линдзи Сент Клер.