И судејќи според сè, новата Panamera е веќе подготвена да се појави пред очите на јавноста, а Porsche како уште еднаш да има потреба за да ни потенцира дека лансирањето на овој модел со 4 врати претставува и една сосема исправна одлука.
Во краткиот филм, производителот од Штутгарт нè потсетува на некои од најважните пресврти во историјата на компанијата, кога за донесување на одлуки била потребна огромна храброст (а би додале и визија), додека многумина сметале дека се работи за чиста лудост.
Така било и кога Porsche одлучил да го смести моторот во задниот дел од своите автомобили, но и при лансирањето на својот прв SUV модел.
Porsche во очи на премирата на новата Panamera за 2017-та година, објави и дизајнерска скица од профилот на автомобилот и делумно затемнета фотографија од задниот дел на возилото, на којашто се гледаат новите стоп светла и потенцираните, широки калници, како и потенцираниот спортски изглед во однос на првата генерација.
А неодамна на интернет мрежата се појави фотографија и од кабината на новата Panamera, којашто ни откри дека внатрешноста на автомобилот е помодерна од актуелната верзија, со значајно помал број на класични тастери, но и со нов голем екран на мултимедијалниот систем во облик на таблет.
Дисплејот во новата кабина зазема најголем дел од горната позиција на средишната конзола, па централниот вентилациски отвор, наместо од страна, како кај првата генерација, се наоѓа нешто пониско, на панелот на којшто е и рачката на менувачот, а командите помеѓу возачот и совозачот се активираат само со допир на прстите.
Новата Panamera е поставена на MSB механичка платформа на групацијата Volkswagen, а се очекува дека дизајнот на надворешноста ќе црпи инспирација од концептот Sport Turismo од 2012-та година.
Моторизацијата ќе опфати турбо V6 и V8 единици, а во понудата ќе има и верзија со хибриден погон.
Се очекува дека Porsche наскоро и официјално ќе ја претстави Panamera за 2017-та година, додека светската саемска премиера би требало да се одржи на Саемот за автомобили во Париз, во месец октомври, оваа година.