Ивана Трамп, првата сопруга на претседателот Доналд Трамп, открива каков петседател смета дека ќе биде нејзиниот поранешен сопруг и што може да се очекува од него.
Бизнис дамата и поранешен модел со чешко потекло, даде интервју за New York Post во кое зборува на повеќе теми, меѓу која и идното претседателство на нејзиниот сопруг.
Добро познавајќи го Доналд, таа вели дека најверојатно Трамп ќе патува со својот приватен авион наместо со претседателскиот Air Force One. Приватниот авион на Доналд Трамп Boeing 757 чини околу 100 милиони долари, а уште од одамна на шега го нарекуваат „Trump Force One“.
Ивана вели и дека сигурно ќе му биде тешко на Трамп да се откаже од живеењето на 66-иот кат на луксузната кула Trump Tower во Менхетен, за да се пресели во Белата Куќа.
„Доналд е како добро француско вино. Тој не сака да биде преместуван“, вели Ивана.
Таа открива и дека Доналд наводно спие само 3 часа во ноќта – работи од многу рано наутро, до доцна навечер.
Ивана и Доналд беа во брак во периодот 1977-1992 година, и имаат три деца Доналд јуниор, Иванка и Ерик Трамп.