По примерот на Источна и Западна Германија може да воочиме некои од разликите кои се уште постојат меѓу луѓето кои живееле во комунистичко општество и оние од западна Европа.
Професорите од универзитетите Марбург и Билефелд со помош на Европската централна банка спровеле истражување со кое ги споредиле личностите на 15.000 западни и источни Германци. Научниците сакале да проверат на кој начин влијаел комунистичкиот режим врз граѓаните во земја која во текот на неколку децении била контролирана од државните служби.
Пет години, од 2005 до 2010, Германците кои до 1989 година живееле на истокот и западот во поделената земја, пополнувале прашалници во кои професорите ги испитувале особините на нивните личности. Произлегло дека поранешните источни Германци се исклучително посовесни во однос на западните сонародници, но дека истовремено се и многу поуплашени, помалку склони кон новитети, а и помалку веруваат дека се во состојба да ги контролираат своите животи.
Авторите на студијата објаснуваат што точно влијаело на таквото психолошко обликување на луѓето од Источна Германија во нивните секојдневни животи. Всушност, тие биле посовесни од своите сонародници од западот затоа што постојано морале паметно да се организираат во услови на недостаток од се и сешто, дури и намирници како овошје.
„Многумина морале да ги следат насоките и правилата, без право да поставуваат било какви прашања“, се наведува во студијата. Креативноста, индивидуалноста и склоноста кон новитети, режимот ги уништил со постојани закани, сослушувања, следења, а во најлош случај и со затвор. Морале да се трудат што помалку да привлекуваат внимание на себе.
Државните служби имале обичај граѓаните да ги надгледуваат и преку пријателите, роднините, што довело до длабока недоверба меѓу луѓето. Последицата од тоа е што Источните Германци и денес се посклони кон загриженост, стравови, па дури и се емоционално понестабилни во однос на Западните Германци. Попрецизно, тие се многу поневротични.
Меѓутоа, постои и поинакво толкување на забележаните разлики. Така, од берлинскиот Слободен универзитет доаѓа толкување според кое фактот што разликите опстојуваат дури и 27 години по обединувањето на Германија, укажува на тоа дека станува збор за последиците на животот после обединувањето, односно дека Источните Германци денес ги трпат последиците од тоа што нивните краеви, образованието, економијата и воопшто квалитетот на животот и денес се далеку позади развиените краеви во Западна Германија.