Брет Ортлер е сопруг, татко на две деца и автор, кој во искрен и емотивен текст објаснува зошто го сака постпородилното тело на својата сопруга, која била бремена 4 пати, но изгубила две деца.
Тој тврди дека нема намера да ѝ суди за изгледот на својата сакана, затоа што таа ги родила нивните најмили, кои го прават драгоцен секој ден од неговиот живот.
Што ѝ реков на мојата сопруга за промените на телото откако се породи?
Апсолутно ништо.
Како прво, телото на мојата сопруга по породувањето воопшто не е моја работа. Да, јас ѝ сум сопруг, но на листата со мислења кои се важни, мислењето на сопругот за постпородилното тело на сопругата е некаде помеѓу она на дете кое му се потсмева на Пикасо и очајот на моето детенце да биде прегрнато по петти пат пред спиење.
Плус, малку познат факт е дека бременоста ретко се случува сама од себе, па јас сум директно одговорен за промените кои настанаа. Со други зборови, ова е точно тоа за кое се договоривме. Кога велиш „Ајде да имаме бебе!“ можеби си замислуваш дека твоето чедо ќе го направи првиот чекор на Марс или ќе открие лек за ракот, но исто така велиш:
„Еј дамо, сакам да го носиш моето дете 10 месеци. Ако сме доволно среќни, од тоа ќе произлезе живо дете. Но, овој процес драматично ќе го промени нивото на твоите невротрансмитери и ќе доведе до огромни, трајни промени во твојот ум и карактер, да не ги споменуваме неизбришливите промени на твоето тело. А да, фактички ти исто така ќе станеш диспензер за млеко и ќе качиш доволно тежина за да скокнеш 4 тежински категории во бокс.“ И тука не се споменати најочигледните симптоми на самата бременост, кои ако ги читаш доволно брзо ќе имаат ефект кај луѓето како да слушнале страшен крај на нова фармацевтска реклама: Pregnadon’t (Незабременувај).
Се разбира, низ колку повеќе бремености ќе помине твојата партнерка, толку полошо ќе станува. Ние имаме две деца, но мојата сопруга беше бремена 4 пати. Toe сe вкупно 26 месеци – две години клоцање, гадење и желба за произволна храна (ананас и спирален помфрит беа како предјадење за време на последната бременост), да не ги споменувам последиците од доењето и лузните од царските резови.
Да разјасниме: телото на мојата сопруга се промени поради бременоста, па што? Промените можат да одат по ѓаволите, таа е истата секси избувлива русокоса која била отсекогаш. И моето тело се промени. Кога се оженив, имав 27 години. Вежбав со тегови, трчав и сè уште го имав сензибилитетот на борецот кој бев некогаш. Сега, единствено кревам тежина кога правам да лета мојата новородена ќерка низ соба, моето трчање се сведува на бркање на моето 3-годишно дете додека се преправам дека сум Снежното чудовиште од „Frozen“ и најголемиот опонент со кој се борам е прашањето дали да јадам 3 парчиња пица или 6 кога нарачуваме за дома.
Идејата да ѝ судам за постпородилното тело на мојата сопруга е одвратна, бидејќи е себична и кратковидна. Сакам да кажам дека не знам ништо за епизиотомии или тигарски шари или дискриминација на работното место, а сите тие се „наградите“ кои може да ги очекува нова мајка.
Видете вака: Ако некој од твоите другари е на боледување од работа кое трае со месеци и во меѓувреме добие голем број килограми, а потоа мора да биде подложен на операција на стомакот, ти гарантирам дека никогаш повеќе нема наглас да прашуваш за неговите стомачни мускули или за лузните. Зошто? Затоа што ќе бидеш презафатен велејќи му „Да пукне!“ и „Брат, ти преживеа!“ Единствената разлика меѓу ова сценарио и бременост, со претпоставка дека сè минало во најдобар ред, е дека твојата партнерка не само што преживеа, туку и на чудесен начин создаде човешко суштество. И тоа не е обично човешко суштество – туку е твоето дете. И тоа дете е дел од твоето семејство.
Го сакам постпородилното тело на мојата сопруга, затоа што кога го гледам, го гледам моето семејство, а моето семејство го прави мојот живот вреден секој ден. А и затоа што по сè на што ја имам подложено, таа сè уште спие со мене.