Денес многу светски познати козметички компании во своите препрарати за кожа користат екстракт од квасец, чии благотворни својства уште одамна им биле познати на нашите мајки и баби.
Пекарскиот квасец ги содржи омилените состојки на нашиот најголем орган, кожата, како што се амино киселини, протеини, минерали, антиоксиданти и цела палета на витаминот Б. Научно докажано е дека квасецот има клеточна структура слична на структурата на клетките на кожата, па кога ќе се нанесе на нејзината површина, ја навлажнува, го спречува стареењето и ја осветлува.
Со мало истражување на Интернет, за читателките на „Дива“ пронајдовме неколку испробани рецепти за домашни маски за кожа и коса, но мора да нагласиме дека сето тоа мора да го направите со големо внимание, особено за тие што се склони кон алергии!
Маска за чистење масна кожа:
Измешајте една супена лажица сув пивски квасец со неколку лажици јогурт. Нанесете на лицето и вратот, оставете да дејтвува 15-тина минути и измијте го лицето наизменично со студена и топла вода.
Маска против младешки приштови:
Измешајте една коцка свеж квасец со 3 лажици млеко и една мала лажичка сок од лимон. Двапати неделно нанесувајте на вратот и лицето, држете ја 15-ина минути и потоа измијте се со млака вода.
Маска за сува и зрела кожа:
Измешајте една супена лажица сув пивски квасец, жолчка, па потоа 3 лажици слатка павлака и 3 лажици пченични ркулци. Оставете ја да дејствува 20 минути, па измијте се со вода или млако полномасно млеко. Маската е идеална за опуштање на кожа под стрес.
Маска за нега на кожата на лицето:
Измешајте 1 коцка свеж квасец со малку течен мед, а ако имате многу сува кожа, со малку студено маслиново масло. Оставете да делува 20 минути, па измијте се со млака вода.
Пилинг за лице од квасец:
Измешајте половина коцка свеж квасец со малку млеко, додадете голема лажица дробени семки од лен. Нанесете ја на лицето и кога сосема ќе се исуши, извадете ја со млака вода и нежно триење со прстите.
Маска против стареење на лицето:
Измешајте 2 супени лажици свеж квасец и 1 лажица вода. Нанесете ги на лицето и вратот, оставете ги да дејствуваат, па кога ќе се исуши, измијте го наизменично со топла и студена вода. Ако имате 20 години, маската користете ја еднаш месечно, во 30-тите 2 пати месечно, во 40-тите еднаш неделно, во 50-тите двапати неделно, а во 60-тите и повеќе, 3 пати неделно.
Маска за лифтинг на лицето:
Измешајте 2 коцки свеж квасец, 125 мл топло млеко и 1 мала лажичка шеќер. Ставете на лицето, вратот и деколтето, оставете да дејствува додека не се исуши, а потоа измијте ја со млака вода.
Маска за раце:
Измешајте 1 голема лажица свеж квасец со 1 шолја топло млеко. Со оваа мешавина 15-тина минути масирајте ги рацете, а потоа измијте ги со топла вода. Маската е идеална за зима.
Маска против опаѓање на косата:
Во 1 шолја вода растопете 4 лажици сув квасец. Нанесете на кожата на главата, масирајте 10-тина минути и потоа исплакнете ја.
Пилинг за тело:
Измешајте 2 големи лажици сув пивски квасец и 2 лажици зобени снегулки, по 1 лажица мед и мелени бадеми, со малку млеко и сок од лимон. Со кружни движења нанесете ја на влажна кожа и масирајте. Оставете ја мешавината кратко да дејствува, а потоа измијте ја со млака вода.
„Купка“ против стареење:
Во водата за бањање измешајте 5 големи лажици сув пивски квасец и оставете го да дејствува 15-тина минути, а потоа телото измијте го со топла вода.