Нациите кои пијат најмногу црн чај најмалку страдаат од овој метаболички синдром, од кој заболуваат се повеќе луѓе на светот, и во тие земји има најмалку дебели луѓе.
Анализата на податоците од 50 земји открила дека нациите кои пијат најмногу црн чај имаат најмал број на лица кои страдаат од дијабетес тип 2. Студијата открила и дека тие земји имаат помал број дебели луѓе.
Научниците сметаат дека процесот на ферментација што го претвара зелениот чај во црн предизвикува и создавање на комплекс флавоноиди кои се добри за здравјето. Во Ирска се пие најмногу црн чај, два килограми годишно по жител, а Британија и Турција се веднаш следни на листата.
Сите три земји имаат помал број на дијабетичари од земјите кои се пониско на листата, како Бразил, Мароко и Мексико. Истражувањето е спроведено затоа што бројот на оние кои страдаат од дијабетес тип 2 во последните неколку децении се зголемил за шест пати. Се проценува дека до 2030 година тој број ќе скокне од 285 милиони, според податоците од 2010, на 438 милиони луѓе со дијабетес тип два.