Има неколку начини како да се справите со неподносливата жештина, а да не мора да го жртвувате тренингот. Ако не вежбате во климатизирана теретана, надворешните температури може дополнително да ве исцрпат и да си направите штета, наместо да добиете бенефит од вежбањето.
Првиот совет е логичен: избегнете го најжешкиот дел од денот за вежбање, дури и ако вежбате во теретана. Намалете го интензитетот на вежбањето и во најжешките денови тренирајте колку да ја одржите кондицијата и навиката.
Некои тренери на професионални спортисти советуваат постепено ладење на телото пред тренингот со пиење ладни течности и ставање ладни облоги на телото, познато како „предладење“.
Другата опција, колку и да звучи чудно, е лежење во топла купка во која температурата на водата е најмалку 40 степени Целзиусови, 30 минути по 30-минутно трчање, што постепено ќе го „климатизира“ вашето тело и ќе го „навикне“ на жешки услови.
Лекарите и тренерите предупредуваат да не го исцрпувате телото со интензивно вежбање во време на топлотен бран и потсетуваат да пиете доволно вода и да имате при рака солени грицки во случај да почувствувате паѓање на притисокот или омалаксаност.
За оние кои не сакаат да го прекинат секојдневното џогирање, се препорачува да го нагодат тренингот на отворено за рано наутро или доцна навечер и да го скратат времето на трчање во најжешките денови.