Брзото темпо на живот во најактивните години прави да имаме малку време за интимни моменти со партнерот, а и уморот си го прави своето, но експертите посочуваат да бидеме свесни дека таквата ситуација влијае неповолно на човековото ментално, емоционално и физичко здравје.
Доколку подолго време немаме секс, многу е веројатно дека се помалку ќе сакаме да имаме секс, зашто ретко се лачи хормонот ендорфин заради кој се чувствуваме убаво и го поврзуваме сексот со позитивни чувства. При апстиненција, оваа врска се намалува, па се намалува и желбата за секс.
Исто така, научните истражувања покажале дека кај луѓето кои немаат редовен секс има поголем скок на крвниот притисок за време на стрес, во споредба со луѓето кои имаат редовен секс, што значи дека сексот служи како механизам за полесно справување со стресните состојби.
Докажано е и дека сексот го помага создавањето на нови неврони во мозокот и ги подобрува когнитивните функции. Ова се случува бидејќи сексуалното доживување доведува до раст на клетки во хипокампусот – дел од мозокот кој е од витална важност за долгорочната меморија. Сексот потенцијано може да помогне да се спречи влошување на состојбата што води до губење на меморијата и деменција.
Кај мажите, пак, апстиненцијата може да ја зголеми веројатноста од појава на еректилна дисфункција (ЕД). Една студија на оваа тема покажала дека кај мажите кои изјавиле дека имаат секс еднаш неделно веројатноста да развијат ЕД била за половина помала од мажите кои поретко имале секс. Истражувачите во рок од пет години следеле повеќе од 900 мажи на возраст од 50, 60 и 70 години и се покажало дека редовната сексуална активност ја одржува ерекцијата на ист начин како што вежбањето го одржува аеробниот капацитет на телото.