Трендови, како и секоја сезона, има многу. Годинава има сѐ и сешто, а, всушност, ништо ново. Трендовите се повторуваат со години. Може да се каже дека оваа година, кога се во прашање модните трендови, ќе биде многу едноставна. Парчињата облека што светските познати модни куќи ги претставија на своите ревии се многу удобни и може да се носат дури и во едноставни, секојдневни комбинации. Судејќи според сето тоа што го видовме досега, оваа 2017 година ќе биде мирна година, во која главна цел е да се свртиме кон себе. Тоа е видливо и кај трендовите кај кои посебно се истакнува индивидуализмот.
Воен стил
Трендот во облекувањето во кој облеката потсетува на воен стил, полека повторно се враќа во мода. Станува збор за парчиња облека што досега сме ги виделе милион пати, но овој пат во друг облик. Преовладуваат маслиновозелена боја и кафена.
Спортски изглед
Еден од трендовите што ќе го сакаат девојките што обожаваат да носат удобна и спортска облека. Дизајнерите покажаа дека со спортската облека не мора да изгледате како да сте излегле од сала за вежбање.
Карнери
Бохо стил и романтика и понатаму се присутни, а тоа е видливо кај многу колекции на модните куќи, чијашто облека ја красат карнери, цветни примероци и лелеава облека. Оваа сезона најмногу ќе се истакнуваат карнери насекаде – на маици, блузи, фустани.
Проѕирна облека
Трендот на проѕирна облека оваа сезона доаѓа во малку изменет облик. Целта е да се покаже кожата, но на суптилен начин и без вулгарности.
Нагласени или, пак, голи рамена
Враќање во минатото, односно 80-тите и 90-тите години на минатиот век е голема тема на годинашните трендови, а освен во светот на модата, овој тренд е присутен и кога се во прашање шминката и фризурата. Многубројни дизајнери инспирацијата за своите пролетни колекции ја најдоа во 80-тите години, а особено се истакнува облеката со нагласени голи рамена.
Долги ракави
Предимензионираната облека е, исто така, вечен тренд, а оваа сезона акцентот е на преголемите маици, јакни, кошули со долги ракави. Интересно, но ни малку практично.
Написи на облеката
Многу дизајнери во своите колекции за сезоната што доаѓа претставија облека со интересни слогани. И додека некои се решија за едноставен напис или, пак, за сопствено лого, други отидоа чекор понатаму, па решија со својата облека да му испратат да светот пораки со социјална или политичка природа.