Често се случува да ни здодее бојата на косата. Сепак, многумина од нас немаат доволно храброст за да се одлучат на радикален чекор и да ја изненадат околината со нова боја на коса.
Најпрво треба да бидете сигурни дека навистина сакате да ја смените бојата. При тоа, размислете што очекувате и каква промена ќе ви донесе новата боја во вашиот живот.
Откако ќе одлучите дали ја сакате оваа промена, проверете која боја на коса најдобро одговара на вашиот тен и на бојата на очите.
Ако сакате бојатаод светла да ја смените во темна, тоа не е голем проблем како што е кога од темна сакате да ја смените во светла боја. Процесот на симнување на бојата зависи од тоа колку долго сте ја бојадисувале со одредена боја.
Од светла во темна: Русокосите што сакаат кафена или црна боја треба да внимаваат дали подлогата е пепеласта за да не им „позелени“ косата. Исто така, ако не сакате топли кафени тонови, а природно имате црвен пигмент, треба да знаете како се комбинираат боите и нијансите. Затоа најдобро е големите промени да им ги препуштите на фризерите. Од руса боја секоја боја брзо се измива, па затоа вештината на фризерот е во тоа да ја подготви косата така што нанесената боја ќе трае подолго и ќе биде изедначена.
Од темна во светла: Ако имате темна боја на коса и сакате да ја осветлите, неопходен ви е деколорант. Денес постојат деколоранти што нема да ви ја оштетат косата, а успешно ќе ја извадат темната боја. Нивниот ефект од првото нанесување зависи од тоа колку долго сте ја бојадисувале со тие темни тонови, значи ако е тоа долг период веројатно ќе бидат потребни повеќе нанесувања. Сепак, од темонкоса во еден ден можете да станете русокоса, бидејќи бојата по деколорантот мора да се пребојадиса. Деколорантот ја вади целата боја, освен бланшот. Самиот процес трае околу три часа, а ако се работи за црна боја што е нанесувана со години, веројатно и цел ден. Но, ќе ја добиете бојата што ја сакате, а косата нема да ви биде оштетена.
Црвена коса и светли очи: Жените со светли очи прекрасно изгледаат како црвенокоси. Ако имате светли очи, задолжително размислете за тоа да пробате црвени нијанси. Ако имате темен тен, одлично ќе ви стојат топли тонови и нијанси во боја на вино. Ако имате светол тен, слободно пробајте ја целата палета нс црвени тонови.
Препуштете им се на професионалците: Не ги користете деколорантите само во домашна варијанта. Тие препарати обично се загреваат и бидејќи е потребна рамномерна топлина, неопходно е користење климазон или хауба. Исто така, многу е важна бојата што подоцна се нанесува на косата, како и тоа како се проверува дали постапката е готова. Не ризикувајте вашата боја да не биде како што сакавте, да бидете незадоволни и повеќе да ве чини поради исправување на грешките. „Сам свој мајстор“ обично е причината зошто многу жени брзо ѝ се враќаат на претходната боја на коса. Треба да одите во фризерски салон, да се опуштите и да им се препуштите на професионалците. Кога тоа ќе го направи професионалец, сè ќе изгледа поинаку.