Колку пати ви се случило воопшто да не потрошите некој козметички производ до крај, а да мора да го фрлите затоа што се закоравил, скршил или на кој било друг начин бил уништен. Фрлањето на неискористените производи не е баш најекономичната опција. Особено кога ќе се сетиме колку сме ги платиле производите.
Денес ви откриваме корисни трикови да заштедите и да го продолжите векот на трањење на вашите козметички и мејкап производи.
Продолжете го векот на траење на пудрата – Вашата омилена пудра, на која сте потрошиле вистинско мало богатство, е при крај, а вие во моментот и не сте баш во најдобра финансиска ситуација да купите нова. Продолжете и го векот на траење така што на преостанатата пудра ќе додадете малку хидратантна крема за лице. Измешајте и ќе добиете поголемо количество пудра која нема да изгуби многу од своите својства. Дури и ќе стане малку полесна и подобро ќе прилега на кожата на лицето.
Искористете ја кремата до последна капка – Пред да ги фрлите „потрошените“ производи спакувани во пластични шишенца, исечете ги со ножици на половина и ќе видите дека има уште доста од производот на рабовите и аглите од шишенцето до кои не сте можеле да дојдете со класично стискање. Предлагаме останатиот дел од производот да го префрлите во чист стаклен сад со капаче со помош на хигиенски стапчиња за уши и така да го искористите до последна капка.
Вратете ја во функција компактната пудра – Од потта или честичките од кожа кои остануваат на четкичката или сунѓерчето кои потоа се пренесуваат на површината на компактната пудра, се случува таа да се скамени и да стане сосема неупотребилива. Земете цврста селотејп трака и притискајќи ја на површината на пудрата отстранете го скаменетиот површински слој. Пудрата ќе биде како нова!
Освежете ги извалканите сенки – По подолг период на користење се случува сенките исто како и компактната пудра во претходниот случај, да се стврднат или да ја изгубат бојата. Лесно ќе ги освежите ако ги испрскате со медицински алкохол и ги истапкате со памук.
Поправете ги скршените сенки – Вашата омилена сенка за очи или кој бил друг прашкаст производ се разронил? Не фрлајте го! Ставете малку медицински алкохол и мешајте со стапче за уши додека не се создаде паста. Истапкајте го производот назад во пакувањето со помош на лажичка или прст. Кога ќе испари алкохолот сенката ќе биде во својата првобитна состојба!
Вратете им го животот на маскарата, тушот за очи или кремастата сенка така што ќе им додадете неколку капки солен раствор (може да го најдете во секоја аптека). Оставете да делува неколку минути, промешајте го производот и ќе видите дека се вратил во првобитната состојба.
Исчистете ги вештачките трепки од лепак и маскара така што со чешле за веѓи потопено во алкохол ќе ставите малку медицински алкохол и нежно ќе ги исчеткате трепките. Ќе бидат како нови – подготвени за следно користење.
Вратете ја закоравената маскара во првобитна состојба така што неколку часа ќе ја оставите потопена во врела вода.
Омилениот сјај за усни ви е при крај – отстранете го гумениот прстен на самиот отвор. Тој служи како дозер за производот. Кога ја извлекувате четкичката од шишенцето тој служи за да го отстрани вишокот производ. Кога сјајот е при крај, знајте дека околу овој прстен, но и во ќошевите од шишето има уште доста сјај. Кога ќе го отстраните гумениот дозер ќе ви биде многу полесно да дојдете до последниот остаток од омилениот сјај за усни.
Ви се скршил карминот – Не очајувајте! Земете запалка и загрејте ги рабовите од карминот, па повторно спојте ги. Почекајте да се излади и ќе биде како нов!
Направете сјај за усни од стара сенка така што ќе ја изроните и ќе ја промешате со вазелин во посебен сад.
Чувајте ги лаковите, кармините и парфемите во фрижидер ако сакате да ви траат подолго. Топлината ги уништува нивните својства и тие менуваат боја, мирис и текстура.