Многу жени првите знаци на стареење ги забележуваат уште во 25-та година од животот, кога им се појавуваат малите брчки околу очите и устата. Иако на оваа возраст кожата сè уште лачи доволно себум, сепак почнува и да се суши. Сувата кожа е меч со две острици: од една страна се намалува појавата на акни, но од друга овозможува појава на првите брчки.
Многу ризик-фактори, покрај сончевото зрачење, можат да го забрзаат стареењето на кожата, а тоа се смог, разни диети, пушење, болести, стрес и недостиг на сон. Повеќето девојки во 20-тите години од животот грешат во отстранувањето на шминката. Голем број од нив одат на спиење со шминка, а некои ја отстрануваат со прегруби движења што придонесува за појава на првите брчки. Ако сакате да знаете кога и како ќе остарите, погледнете си го семејното стебло. Гледајќи ги родителите, бабите и дедовците, можете да го предвидите сопствениот потенцијал за појава на брчки и на други знаци на стареење на кожата на лицето, вратот и на деколтето.
Освен соодветна нега однадвор, важно е да се внимава и на она што го внесуваме во организмот. Клучна улога игра хидратацијата. Консумирање два литра вода дневно во голема мера може да ја намали појавата на брчки. Овошјето и зеленчукот (малини, боровинки, црвени пиперки и спанаќ) содржат антиоксиданси што овозможуваат вашата кожа да создаде природна заштита од загадувачите и на тој начин да остане еластична и блескава.
Домашна нега Природната маска што ќе ги коригира брчките околу вашите очи се состои од пола изгмечена банана, лажица слатка павлака и лажица мед. Измиксирајте ја, нанесете ја на лице и оставете да дејствува 15-тина минути. Измијте ја со топла вода. Сок од свеж морков, кој ќе го нанесете околу очи со памукче, исто така ги намалува брчките.