Тим јапонски истражувачи развиле нов вид на стакло кое самото си ги отстранува пукнатините кога ќе се притисне.
Полимерот кој самиот се лекува е креиран од тим истражувачи од универзитетот во Токио, а иницијално бил откриен случајно додека тие развивале нови лепила.
За време на едно истражување, еден член од тимот забележал дека полимерот кој го истражувал да се користи како лепак имал способност да се лепи сам за себе кога бил пресечен, компресиран и пресечените парчиња биле држени споени заедно во траење од 30 секунди на собна температура (21°C).
Бидејќи не му верувал на првичниот резултат, тој направил уште неколку експерименти за да потврди дека стаклото навистина самото се залекувало.
Ова било возможно благодарение на лесниот полимер наречен „полиетертиуреа“, кој го користи соединението тиуреа за зголемување на способноста на поврзувањето на водородот во материјалот кој е пресечен или скршен.
Покрај очигледната употреба за изработка на екрани за смартфони, ваквиот материјал би можел да се користи и во разните полиња од медицината, каде меките лепливи супстанци еден ден би се користеле во човечкото тело за зајакнување на коски и сл.