Дали знаете дека во просек дневно губиме 80 влакна коса?
Опаѓање на косата е дел од секојдневниот живот – на сите нас понекогаш ни се затнува одводот во кадата и тоа е нормално. Меѓутоа, ако ви се чини дека вашата коса паѓа повеќе од вообичаено, постојат неколку можни причини за ова. За почеток, треба да се нагласи дека причините за губење на косата можат да бидат генетски (постои можност за генетска предиспозиција за губење на косата – во тој случај ќе забележите дека вашата коса станува се поретка со текот на годините) или реактивна (ова значи дека надворешниот фактор влијае на вашето губење на косата), што е добро затоа што тогаш веројатно можете да влијаете врз тоа.
Најчести причини за опаѓање на косата:
Хормонална нерамнотежа
Хормоните играат исклучително важна улога во циклусот на растот на косата. Женските хормони – естрогени се добри за косата и овозможуваат оптимално време на раст, додека машките хормони – андрогени се лоши за косата и делуваат така што го скратуваат потребното време за раст на косата. Ако хормоните не се избалансирани, ова особено ќе се манифестира кај луѓето кои имаат генетска предиспозиција за опаѓање на косата.
Стрес
Познато ли ви е она кога некој ќе каже дека ќе си ја откорне косата од нервоза? Не мора вие да ја кубете, бидејќи поради стресот и нервозата, косата паѓа сама од себе! Стресот може да го зголеми количеството на машките хормони, може да влијае и на проблемите со скалпот, како што е првутот, а исто така може да влијае на вашиот дигестивен систем и апетитот.
Недостаток на железо / анемија
Ова е една од најчестите причини за губење на косата кај жените, бидејќи железото е клучно за создавање на протеини кои и се потребни за косата.
Тироидната жлезда
Тироидната жлезда управува со хормоните, но исто така и со производството на протеини и распределбата на кислород во ткивото, така што проблемите со тироидната жлезда лесно можат да предизвикат прекумерно губење на косата.
Недостаток на витамин Б12
Поради недостатокот на овој витамин, можете да се чувствувате уморно и како секогаш да ви недостасува енергија. Но, тоа не е сè! Покрај тоа, дефицитот на витаминот Б12 исто така може да предизвика опаѓање на косата. Најчесто се јавува кај вегани бидејќи овој витамин може да се внесе во организмот исклучиво преку храна од животинско потекло.