Сè што треба да направите е да „погледнете“ во ова село и во секој момент да очекувате од некаде да се појават џуџиња, Снежана, Црвенкапа…
Во подножјето на Карпатите, во срцето на Трансилванија, се крие мало романско село кое изгледа како од бајките.
Сите куќи се направени од глина и песок, со замокот „Castelul de Lut Valea Zenelor“, или „Глинен замок од долината на самовилите“.
Интересно е што овој туристички комплекс е создаден среде руинираното село Порумбаку де Сус, 26 километри западно од Самбата.
Со цел да се создаде единствена туристичка дестинација и да им се приушти на гостите да се вратат во детството, сопствениците на комплексот одлучија да користат исклучиво еколошки материјали при изградбата на куќите. Исто така, секоја соба во секоја од куќите во овој туристички комплекс има свој посебен влез, така што приватноста е загарантирана.
Идејата за изградба на ова крајно необично село се роди во 2014 година, кога Разван и Габриела, родители на тогаш шестгодишниот Себастијан, решија да излезат од градската врева.
Направивме голема промена и сакавме да го претвориме стариот сон во реалност – велат Разван и Габриела.
Страста за патување и жедта за знаење ја концентриравме во концептот кој во тоа време беше наречен „Куќа на природни приказни“ и постепено ги поставивме темелите на финалниот проект, кој го нарековме „Долина на самовилите“.
Како што велат, магијата и упорноста се одговорни за она што денес го претставува ова мало туристичко село – симбол на традицијата и мирот.
Напишавме безброј страници во книгите од нашите животи и сакаме да го продолжиме со добри луѓе, љубители на природата, патувања и нови предизвици – вели овој млад брачен пар.
Фасадата на централниот замок претставуваше посебен предизвик. Сопствениците сакале ѕидовите да останат од гипс, но и да „дишат“ и истовремено да бидат заштитени од вода. На крајот, тие се одлучија за хидраулична варова боја со природни својства на запечатување.
Свеченото отворање на селото се одржа во 2016 година, кога посетителите можеа да го запознаат замокот и околните куќи, како и прекрасната градина.
Масивни врати, дрвени прозорци, дрвени кревети, мебел, камин, па дури и садови – сè е рачно изработено, а сопствениците на „селото од бајките“ ги ангажираа најдобрите романски мајстори за оваа работа.
Замокот има две нивоа, 10 соби, две кули и 50 прозорци, а архитектонски е во целосна хармонија со природата. Волшебниот пејзаж е надополнет со прекрасна природа и прекрасен поглед на зелените пространства на Романија…