Неуредниот плакар може и те како да влијае врз психичкото здравје. Не за џабе велат дека работите кои ги поседуваме „нѐ гушат”
Чистењето на вашиот плакар од облека што не ви треба и не сте ја допреле повеќе од една година може да биде долготрајна борба што никогаш не завршува. Одите преку облека, ја преместувате од една на друга страна, вишокот го чувате во гаража, подрум или поткровје, обидувајќи се да направите простор и да се ослободите од старите работи, но некако тие повторно се натрупуваат со секоја нова сезона. Познато?
Но, сега кога мора да го поминете времето дома мора да имате барем еден час, два вишок што можете да ги издвоите за „генералка” на плакарот, по што ќе се чувствувате како некој да го тргнал товарот од вашиот грб.
Иако кога застанувате пред плакарот ви поминуваат низ глава прашања како „Зошто ги потрошив овие пари за нешто што никогаш не го носам?“, „Дали ќе продолжам да го повторувам ова на секои неколку месеци?“ или „Ако се ослободам од облеката, дали ќе имам што да облечам?“, но тие сега не ви требаат. Само треба конкретна акција. Да почнеме веднаш!
Прв круг
Спонтаноста е добра, но во овој случај премногу е ризична затоа што можете да поминете повеќе од три часа на чистење, затоа испланирајте го вистинскиот ден и време кога знаете дека нема да готвите ручек, да им помагате на вашите деца со домашна работа или да ја уредувате градината.
Пред самото чистење направете си листа од своите омилени песни за да го направите чистењето уште позабавно, а воедно и да го кренете расположението во оние тешки моменти на одлучување.
Испразнете го целиот плакар
Да, извадете апсолутно сè и најпрво восхитувајте се на таа прекрасна празнина неколку секунди. Не грижете се за сортирање, ставете ја целата облека на креветот и ќе бидете мотивирани да завршите до пред спиење. Ако имате облека во пластични кеси, контејнери или кутии, донесете ги и испразнете ги. Нема милост.
Исчистете го плакарот
Плакарот мора да биде чист пред да се наполни повторно. Значи без прашина, да дише и мириса. Прво отстранете ја прашината од сите површини. Кога ќе завршите со чистење, излезете на тераса или во двор на кратко, каснете нешто или испијте кафе за да се оддалечите од сето тоа и да соберете сила.
Втор круг
Сега доаѓаме до најтешкиот дел. Сортирање и донесување тешки одлуки што да задржите а што да тргнете. Ако од самата помисла ви се темни пред очи, не очајувајте. Тоа е всушност многу едноставно. Пуштете ја листата и поделете ја облеката на четири дела:
1. Задржете: Облека што ја сакате, добро ви одговара и често ја носите.
2. Размислете: Облеката што сакате да ја задржите, но нема посебна причина зошто.
3. Донирајте: Облека што не ви одговара на вас и на вашиот животен стил.
4. Фрли: Облека која е во лоша состојба (излитена, без форма, уништена, има дупки и слично).
Продолжете со сортирање на облеката додека креветот не е целосно празен. Ставете ги парчињата што планирате да ги донирате или поклоните во кеси и однесете ги во гаража/подрум или некаде каде што нема да ви пречат.
Уште малку до крајот
Браво! Остануваат само две групи. Пред да ги ставите во плакарот, „размислете“ повторно, пробајте ги, поставувајте си ги следниве прашања: „Дали повторно би го купила ова?“, „Дали ќе го носам ова во наредните три до шест месеци?“.
Ако одговорот е не, направете купче за донирајте од оваа облека и додадете ги овие парчиња во првиот куп подготвени за донација.
И тоа е тоа! Се ослободивте од непотребните парчиња облека, го задржавте она што навистина ви се допаѓа, а сега конечно можете да земете воздишка. Истиот метод можете да го примените на додатоци како што се торби, накит, марами, шалови, капи, но и чевли и на вашиот простор за живеење да му дадете свежина. Честитки, успеавте!