Фреди Меркури ја запознал Мери Остин кога тој имал 24 години, а таа само 19. Во тоа време ниту еден од нив двајца не знаел што ќе им донесе иднината, уште помалку дека нивната приказна ќе се претвори во една од најпознатите љубовни приказни во светот.
“Сите мои љубовници ме прашуваа зошто не можам да ја заменам Мери од срцево, но тоа едноставно е невозможно. Единствената пријателка во мојот живот е Мери и не сакам никоја друга освен неа. Таа е мојата сопруга и се што имаме ние двајца, за мене е вистински брак”, изјавил во една прилика Фреди.
Кога во 1991 година Фреди почина, Остин била покрај него, како и во поголемиот дел од животот. Токму на Мери тој и оставил половина од своето богатство проценето на 75 милиони долари, како и 28 собната куќа во Лондон во која таа и денес живее мирен живот, далеку од камери и рефлектори.
Веднаш се заљубиле
Меркури и Остин се запознале во 1969 година пред тој да го основа Queen. Вистинското име на Фреди е Фарук Булсара, роден е во Занзибар во 1946 год, а во 60тите години на минатиот век неговото семејство се преселува во Лондон. Во тоа време Мери работела во продавница за облека. Брзо се заљубиле и почнале да живеат заедно. “Тој беше комплетно различен од сите што ги познавам. Беше многу самоуверен, а јас не бев воопшто. Израснавме заедно и заедно останавме до крајот на неговиот живот”, изјавила Мери во едно интервју.
Кога Мери имала 23 години добила веренички прстен и понуда за брак од Фреди. Веднаш прифатила. Во наредните години популарноста на Queen вртоглаво пораснала, а Фреди посветил многу песни за Мери, меѓу кои најпозната е Love of my life.
По раскинувањето останале најдобри пријатели
Дома работите почнале да не се одвиваат добро. И по 6 години од веридбата не се зборувало за свадба, па Мери заклучила дека нешто не е во ред. Најпрво мислела дека во прашање е друга жена, но Фреди во 1976 собрал храброст и одлучил да признае сè. Иако и кажал дека е бисексуалец, Мери знаела дека Фреди е геј. Набрзо потоа таа се преселила во стан во близина на неговата куќа и тогаш завршила нивната физичка врска, но останале поврзани до крајот на животот. Одела на турнеи со Queen и останале најдобри другари.
Подоцна Мери го запознала сликарот Пирс Камерон со кого има два сина, а Фреди му е кум на постариот син. Никогаш не се омажила за него, а подоцнежниот брак со Ник Холфорд завршил по пет години. Мери никогаш не излегла од животот на Фреди.
Кога Фреди починал, Мери рекла дека ја изгубила личноста со која делела вечна љубов. Таа била покрај него пред сè и после сè. Го поддржувала во одлуката за лечење и му ветила дека никој нема да дознае дека има СИДА сè додека тој не одлучи да се дознае.