Нашиот најпознат и најдобар гитарист, Влатко Стефановски, наскоро треба да го објави својот нов албум, за кој хрватските критичари, кои го слушнале, велат дека е еден од најдобрите.
Во меѓувреме, неговата гитара, која има „работен стаж“ од над 40 години, е на реставрација кај штипскиот гитарист Ивица Јорданов. Јорданов кој е гитарист на рок групата „Морал“ подолго време работи на реставрација на гитари, и успеал на многу инструменти да им го продолжи животот, благодарение на љубовта кон музиката.
За да утврди дека гитарата на Влатко го поминала тестот на реставрацијата, Јорданов во дует со уште еден познат штипски музичар, Коки Јанков (од дуото Дуле и Коки), ја искористи гитарата на познатиот музичар, за да направи нова верзија на темата од серијата „Бушава азбука“, снимена во 1985-та година.
Интересно е што оригиналот кој го направи Влатко Стефаноивски за потребите на серијата е свирен токму на истата гитара, која е марка Фендер Стратокастер од 1977-ма година, со рачно изработен врат од Бранко Радуловиќ. На оваа гитара, Стефановски ги има отсвирено најголемиот дел од неговите концерти, во неговата повеќедецениска плодна кариера. Гитарата може да се види како носечка фотографија на обвивката од неговиот албум „Cowboys and indians“.