Без разлика дали имате бунди, крзнени елеци или делови од капутот, шалови, шубари, ракавици или муфови за раце, треба внимателно да ги чувате до следната зима. Истото се однесува и на крзнените обувки. Правилното одржување е многу важно.
Не ставајте врз бундите најлонски навлаки туку платнени со ретко ткаење за да може крзното да дише. Задолжително закачете ги на закачалка да стојат исправено, за да не се оштетува крзното. Не ги туткајте меѓу другите зимски работи во плакарот затоа што тоа ја зголемува температурата и ја намалува циркулацијата на воздухот околу нив.
Оптимални услови за чување на крзно се темни и ладни места заштитени од влага, со температура од плус пет до минус пет степени. Немојте да ги ставате во замрзнувач како што некои го прават тоа, бидејќи во такви влажни услови се оштетуваат.
Чувајте го крзното од молци. Во плакарот ставете вреќички со лаванда, костен, сапуни со остри мириси.
Избегнувајте го нафталинот заради специфичниот мирис кој лесно се впива во крзното. Менувајте ги заштитните средства два пати годишно и внимавајте да не бидат во директен контакт со крзното. 6