Во моментов во Бугарија во тек е музичкото шоу “Гласот на Бугарија”. Можеби некој ќе се запраша што имаме ние со тоа, но оние кои го следат ова шоу веројатно се запознаени дека меѓу кандидатите има и Македонка- тоа е скопјанката Калина Велковска.
Калина има две факултетски дипломи, таа е и филолог и биотехнолог, но никогаш не работела како биотехнолог, а во последниве години живее исклучиво од и за музиката, која е нејзината најголема љубов уште од најмали години.
За љубителите ка клупски свирки Калина не е непознато име. Таа има долгогодишна музичка кариера како дел од многу кавер бендови, но членува и во авторски бедови, каде твори авторска музика.
Калина е препознатлива по својата неверојатна енергија и вокални способности заради кои никој не може да остане рамнодушен.
Вчеравечер се одржа полуфиналната вечер, каде Калина за жал не успеа да се пласира во финалето. Веројатно начинот на гласање (можеше да се гласа само од бугарски броеви), најмногу влијаеше врз нејзиниот послаб пласман. Но нејзините настапи со сигурност ќе се паметат и зборуваат уште долго.
Во “Гласот на Бугарија” влегла случајно, кога дел од кастинг екипата случајно се нашла на една од нејзините свирки, тука во Скопје, па веднаш и понудиле да влезе во ова шоу, со кое успеа да се стекне со поголема популарност.
Останува да ја почекаме Калина да се врати дома и да продолжи да се занимава со она што најдобро го знае- музиката, а ние да и посакаме среќа и успех во работата!