Нема пораспространета храна од обичниот сендвич. Сендвичот може да биде скромна улична храна, но и ликсузно јадење на некој врвен готвач.
Сендвичите може да бидат солени или благи, топли или ладни, доаѓаат во сите форми и величини, а понекогаш ни даваат увид во традициите и обичаиите на земјите од кои потекнуваат. Секоја земја има своја верзија на сендвич, а секој сендвич има своја приказна. Од обична храна до омилен оброк или ужина, сендвичот е најбрзото јадење кое можете да го подготвите .
Преку храната можеме многу да научиме за земјите од кои потекнуваат, а сендвичот е можеби најдобар амбасадор. Брзо се готови, лесно достапни и најважно, многу вкусни!
Да ги истражиме културите и да ни се отвори апетит низ приказна за сендивичи од сите краеви на светот!
Аргентински Хот-Дог (Choripan)
Choripan е врста на сендвич со колбас. Започнал да се прави во Аргентина, но е омилена ужина во цела Јужна Америка. Самото име на сендвичот зборува за неговите две најважни состојки. „Chori” се однесува на chorizo колбасот, а „pan” на лебот. Во сендвичот може да се користи цел колбас или пресечена на половина по должина, а може да се додадат и вкусниот чимичури сос од лук, чили, магдонос, оцет и маслиново масло.
Изреалски сендвич со зеленчук
Иако Израел е најпознат по фалафелот, нивната кујна нуди широк спектар на здрави и зеленчукови јадења. Едно од нив е дефинитивно „сабих” сендвичот. Ова одлично јадење се состои од пита леб, пржени кришки модар патлиџан, тврдо варени јајца, хумус, домат, кромид, краставици со таан и кисел сос од манго. Сабих се јаде како ручек или вечера, а може да послужи и како ужина. Уживањето е загарантирано!
Индиски јалехидратен сендвич (Vada Pav)
„Vada Pav” е симбол на Бомбај. Сендвичот е настанат како ефтин оброк за работниците во фабриките, а денес е омилен „street food” кој го конзумираат сите. Во суштина се работи за многу едноставен рецепт. Од компир, кромид, зачини и чили се прават топки кои потоа се валкаат во брашно од наут и се пржат во масло. Топката потоа се послужува во обично пециво со додаток „чатни”. Ако барате вегетаријанска верзија на сендвич, ова е идеален избор за Вас!
Овошен јапонски сендвич (Fruit Sando)
По неколку солени опции, време е за една слатка верзија на сендвич. Јапонските слатки се многу вкусни, а оваа во прилог е едноставна и многу декоративна. Овошниот сендвич се состои од житен бел леб ( без кора), матена павлака и било кое овошје, а во Јапонија изборот на овошје зависи од сезоната. Најпопуларна верзија е со јагоди, киви и праски. Овошјето е рамномерно исецкано и наредено во средина на сендвичот, а средината изгледа шарено и привлечно. Дали овој сендвич претставува доручек или десерт, воопшто не е важно и може да се конзумира во било кое време.
БЛТ сендвич од Велика Британија.
Името на овој сендвич ги укажува и неговите состојки ( Bacon, Lettuce, Tomato, односно сланина, марула и домати). Покрај овие состојки за овој сендвич ви недостасуваат уште две парчиња леб , кој го бирате по сопствен избор. Понекогаш во сендвичот може и да се додаде мајонез, но тоа зависи од Вас.
Топол сендвич на француски начин (Croque monseiur)
Откако ќе го вкусите, овој сендвич ќе стане и ваш избор број еден. Тој е крцкав и сочен во исто време, едноставно одлична храна во својата најдобра форма. „Croque monsieur” е совршена комбинација на леб, шунка, сирење и сос од бешамел и сето тоа убаво испечено во рерна. Сендвичот бара малку подолга подготовка од обичен врел сендвич, но се исплаќа секоја минута напор заради сочниот и вкусен финален резултат.
Италијански „tramezzini”
„Tramezzini” се триаголни италијански сендвичи од две (или повеќе) парчиња леб без кора. Меките и млечните парчиња потоа се полнат со разни намази и намирници, а сендвичите се служат ладни. Популарни намирници вклучуваат туна и варени јајца или пршута, маслинки, краставица или моцарела во различни комбинации. „Tramezzini”е навистина брз залак со кој можете да си играте и да експериментиратесо различни намирници.
Американски на италијански начин (Muffuletta)
„Muffuletta” е и еден вид леб од Сицилија, но и еден вид сендвич дизајниран од италијански имигранти во Њу Орлеанс. За да направите сендвич, потребно е да го исечете лебот и постепено да наредите ред сирење, ред различни парчиња месо и салама. Како состојки, честопати се користат мортадела, пршута, салама , тенко исечени колбаси, а можете да додадете песто и зеленчук по ваш вкус. Правилото е што поквалитетни парчиња, поквалитетен ќе биде сендвичот. Кај нас, лебот од „muffuletta” е реткост, затоа пробајте го овој сендвич со друг вид кружен леб.
Австралијски тост сендвич (Vegemite)
Веројатно не постои Австралијанец кој во својот дом нема тегла „Vegemite”. Овој сос од квацес има карактеристична темнокафеава боја и е многу густ, а има солено-горчлив вкус, кој за да биде навикнат бара почесто конзумирање. Овој сендвич најчесто се јаде за доручек, а за подготовка ви треба парче тост леб, путер и „Vegemite”.
Американски класик (Grilled cheese)
Многу едноставен и многу вкусен сендвич, за кој ви се потребни леб, сирење и врело тавче. Готов е за неколку минути и ви го овозможува вкусот кој го посакувате од еден сендвич. Крцкав, топол и исполнет со сирење. Американските готвачи предлагаат надворешната страна на лебот да ја премачкате со мајонез и потоа да го ставите лебот на печење. Овој сендвич е исклучително вкусен, но и многу калоричен, затоа ве советуваме да го конзумирате во деновите кога не се грижите за тоа колку калории сте внеле тој ден.
Од овие вкусни сендвичи веднаш се отвара апетит. Ако ви се јаде, а немате инсирација за готвење, пробајте некој од овие светски сендвичи!