Луѓето низ целиот свет принудно живеат во карантин за да го спречат ширењето на коронавирусот, а еден човек доброволно одлучил да живее во самотија веќе 30 години. Кога запловил во 1989 година, Мауро Моранди не можел ниту да претпостави дека моторот на бродот ќе му се расипе, ниту дека морето ќе го одведе на брегот на италијанскиот остров Будели, кој се наоѓа помеѓу Сардинија и Корзика. Толку му се допаднал островот, што одлучил да го продаде бродот и да живее на најубавата плажа како чувар.
Најубавата плажа од овој архипелаг е точно на островот кој Мауро го одбрал за свој дом. Розевиот песок каков што може да се види во егзотичните делови од светот претставува знаменитост и гордост за Будели.
Бојата се должи на безбројните остатоци од корали и школки кои морската струја ги носи постојано на брегот и ги меле заедно со песокот. Во комбинација со тиркизното море, розевата плажа е една од најубавите италијански разгледници.
До почетокот на деведесеттите години туристите можеле слободно да го посетуваат островот, но потоа италијанската влада одлучила дека треба да се зачува чувствителниот еко систем на овој остров. Овој остров е затворен за посетители, со исклучок на мали, ограничени делови кои се достапни за разгледување.
Откако Мауро 25 години се грижел за Будели, ја чистел плажата од пластика и отпад кој зад себе го оставаат туристите и го запознал буквално секој камен и секое растение, Националниот парк донел одлука да му го продолжи стажот.
“Никогаш нема да си одам од островот. Се надевам дека кога ќе умрам, ќе ме кремираат и ќе ми ја расфрлат пепелта тука”, изјавил Моранди за National Geographic. Чуварот кој има повеќе од 80 години верува дека сите сме дел од Земјината енергија и дека на крајот и се враќаме назад. Тој има Инстаграм профил на кој објавува слики и видеа од островот.