Три недели по трагичната смрт на актерката Наја Ривера, откриени се сите околности на несреќниот настан на езерото во кое го пронајдоа нејзиното тело. „Дејли меил“ пренесува дека во потврдата за смртта на Ривера стои дека 33-годишната ѕвезда од серијата „Гли“ се удавила „за само неколку минути“.
Обдукција на нејзиното тело покажа уште порано дека Наја случајно се удавила, а во нејзината крв не се пронајдени траги од лекови или алкохол. Телото на Ривера е погребано пред една недела на гробиштата Форест Ловен во Холивуд Хилс, каде што е последното место за починка на бројни ѕвезди како Британи Марфи, Кери Фишер, Деби Рејнолдс и многу други.
Наја Ривера исчезна на 8 јули додека беше на патување кон езерото Пира со својот четиригодишен син Џози. Детето е пронајдено на бродот како спие и носи елек за спасување, но немаше никаков знак од неговата мајка. Ја најдоа по пет дена потрага. Поранешниот сопруг на актерката со кој има син, Рајан Дорси, посвети емотивна порака на Инстаграм, а спомените со актерката ги споделија нејзините колеги.