На интернет деновиве се појави нов рекламен плакат на компанијата Huawei со кој технолошкиот гигант сака да покаже дека е во состојба да ги издржи притисоците од Америка. На плакатот се наоѓа советски напаѓачки авион од Втората светска војна, кој иако изрешетан продолжува да лета.
– Без лузни нема груба кожа и силни мускули. Хероите секогаш се носат со таквите предизвици!- пишува на плакатот.
Во последната година Huawei се соочува со санкции од страна на администрацијата на Трамп која им забранила на владините структури од САД да користат опрема која ја произведува Huawei, додека на американските технолошки компании им е забрането да соработуваат со кинескиот гигант.
Авионот во оваа ситуација е употребен како јасен симбол, бидејќи тој напаѓачки бомбардер бил навистина издржлив, а за време на војната го добил прекарот “летечки тенк”. Иако по акциите се враќале со десетици дупки, овие авиони веднаш по ремонтот се враќале назад во борба.