Праволиниските ситни набори се враќаат на модната сцена. Директно од модните писти тие го освоија уличниот стил, но и комбинациите кои доловуваат малку поформален изглед.
Макси, но и кратки здолништа, панталони и кошули со плисе ги пополнуваат плакарите на сите оние кои ги следат модните трендови.
Оваа техника на превиткување на материјалот последен пат направи бум во далечната 1993-та година, во колекцијата насловена како „Pleats Please“ на дизајнерот Issey Miyake.
Но, тој секако не е творецот на техниката. Шпанскиот дизајнер Маријано Фортуни креирал и изработувал неверојатни свилени фустани, чие плисирање дизајнерот го правел рачно до перфекција.
Неговите рачно плисирани фустани се инспирација за многумина други дизајнери по него, но и еден вид недостижни креации, бидејќи се вели дека дизајнерот никому не ги оставил инструкции за техниката како успеавал да го изработи плисето така совршено, па си ја однел тајната во гроб.
Во секој случај, погледнете ги плисираните фантазии од модните писти и оние кои дамите ги прошетаа на улица: