Закрепнувањето по раскинување никогаш не е лесно и секогаш е болно.
Толку болно во некои случаи, што мислиме дека никогаш нема да се опоравиме.
Сепак, постојат начини да си го олесниме животот и постепено да се движиме кон закрепнување.
Клер Бирн, експерт за врски, предлага пет чекори за лекување на скршено срце.
1. Прекинете ги сите контакти
Закрепнувањето од раскинувањето започнува со целосно прекинување на секаков контакт со бившиот љубовник, дури и со неговите пријатели.
– Првиот чекор е многу едноставен – без контакт. Не ми е гајле дали сте најдобри пријатели со него или со нејзината сестра. Ако сакате да се опоравите и да продолжите со животот, тогаш мора да престанете да ја следите својата поранешна љубов и сите заеднички пријатели на социјалните мрежи – објаснила Бирн.
Таа забележува дека во денешно време ваквото избегнување е тешко на социјалните мрежи, бидејќи луѓето лајкнуваат и споделуваат се и сешто, но за закрепнување на скршеното срце важно е да избегнувате се што е поврзано со вашиот поранешен партнер.
2. Плачете и тагувајте колку што ви треба
– Раскинувањето често се опишува како незамислива болка бидејќи навистина боли. Многу често, луѓето со скршено срце се обидуваат да продолжат пребрзо без да си дадат доволно време да закрепнат. Дозволете си само тага и можност свесно да ја почувствувате, бидејќи ако не го направите тоа и не ја потиснете болката, тогаш таа ќе излезе од вас, но на некои други, непожелни начини – смета Бирн.
3. Размислете внимателно за сè
Третиот чекор се однесува на справувањето и учењето, односно размислувањето за себе и влијанието на таа врска и нејзиниот распад.
– Во овој чекор треба да се запрашате: „Како сакам да размислувам и чувствувам за се што се случи во нашата врска?“, „Кои се моите заклучоци од сето ова?“. Имајте на ум дека не можете да го поништите минатото, но имате можност да го промените сопственото искуство од минатото и да го разјасните – објасни Бирн.
4. Заљубете се во себе
– Мора да се сакате себеси, бидејќи во спротивно повторно ќе имате слична ситуација во љубовната врска. Длабоко верувам дека сите нè привлекуваат одреден тип на луѓе поради нашиот однос со самите себе и дека овие луѓе не мора да се добри за нас – изјави Бирн.
5. Најдете некој подобар
Откако ќе бидете подготвени повторно да се заљубите, избегнувајте го истиот тип на партнер од кој сте биле незадоволни во минатото. Бидете искрени со себе од самиот почеток за тоа што сакате од врската.
– Има многу рани предупредувачки знаци дека некој можеби не е емотивно достапен. На пример, тој тврди дека сака сериозна врска, а притоа не се труди да зборува за тоа и да планира заедничка иднина. Многу луѓе се заглавуваат со емоционално недостапни партнери и не ги гледаат овие знаци, иако лесно се забележуваат доколку им се обрне внимание – заклучила Клер Бирн.