Зимата може да биде сурова кон кожата. Ниската влажност и ниските температури во текот на зимата ја прават кожата сува и иритирана, што доведува до чешање и појава на болни пукнатини. Зимскиот ветер ја влошува состојбата, бидејќи го зголемува испарувањето на водата од кожата. Јадењето на добри масти како оние од рибата, кои содржат хранливи омега-3 масни киселини и честото пиење вода може да ја подобри состојбата.
Не заборавајте ги екстремитетите, кои особено се погодени во ладните зимски денови: за да ги направите повторно меки и нежни, потопете ги стапалата и рацете во топла вода во која има додадено лимонов сок и масло од Е витамин. Употребувајте креми со висок заштитен фактор, бидејќи сонцето зрачи штетни зраци во зимските месеци, особено на планина.
Следуваат неколку совети кои ќе ви помогнат да го превенирате сушењето на кожата поради студенилото:
- Применувајте кратки туширања со млака вода наместо долги и топли купки. За хигена користете навлажнувачки сапуни (синдети) или гелови, без парфем. Избегнувајте антибактериски сапуни, кои дополнително ја сушат кожата.
- Редовно нанесувајте маст за усни, по можност со заштитен фактор. Немојте да ги лижете усните со јазикот, затоа што ваквата навика придонесува за нивно дополнително сушење, иако можеби верувате во обратното.
- Стекнете навика да нанесувате хидратантно млеко на кожата веднаш по излегувањето од бањата, па дури и на влажна кожа, за да можете да задржите колку што е возможно повеќе влага.
- Нанесувајте креми кои ќе ја влажнат кожата пред секое излегување надвор. Не користете такви кои содржат премногу вода, затоа што може да се замрзне на лицето кога ќе излезете надвор.
- Заштитата од сонцето во зима е важна подеднакво како и во лето, затоа користете креми со широк спектар на заштита, што е особено важно правило за оние кои ги посетуваат планинските места или кога врне снег и е облачно. Снегот ги рефлектира сончевите зраци.
- Ако кожата ви е екстремно сува и испукана, користете креми или млека кои содржат ексфолијанти, како гликолна, млечна киселина или уреа. Секое продолжено и екстремно сушење и чешање, може да биде предзнак за некој дерматит и треба да биде евалуирано од дерматолог.
- Усните се почувствителни од останатите делови на телото, бидејќи не содржат масни жлезди и заштитен пигмент меланин.
- Јадењето топла, варена храна, пиењето млака вода или растителни чаеви и секојдневното умерено вежбање ќе ја подобри вашата циркулацијата, дигестија и ерадикација, а со тоа ќе ја одржите кожата мека, нежна и здрава. Ограничете го квасењето на рацете во вода, или носете ракавици, на пример кога миете садови.
- Избегнувајте да ја изложувате кожата на суровите зимски услови, како смрзнувачките температури и ладните ветрови. Но, кога е потребно да излезете, облечете се според времето: во слоеви и носете капа, шал и ракавици.