Џејми Оливер знае како да го направи највкусното греано вино.
Греаното вино е еден од омилените зимски пијалоци бидејќи влијае на расположението и го загрева телото. Слаткиот вкус и божествената арома на греаното вино придонесуваат овој пијалок да го пијат и оние кои не се љубители на вино.
Може да се подготви од само три состојки, а може и да се експериментира за да се добие совршен вкус.
Познатиот готвач Џејми Оливер го открива својот рецепт за најдоброто домашно греано вино. Неговата тајна е во внимателно одбраните зачини кои ја засилуваат аромата, како и во начинот на подготовка кој бара трпение и внимателно следење на редоследот на намирниците.
Греаното вино треба малку да се свари за да се стопат сите вкусови.
Состојки:
2 шишиња црвено вино
1 лимон
1 лимета
2 мандарини
200 гр шеќер
6 каранфилчиња
стапче цимет
зрно од ванила
2 ѕвездички анасон
мускатно оревче
3 ловорови листови
Подготовка:
За почеток, излупете ја кората од лимонот, лиметата и мандарините. Ставете го шеќерот да се готви, а потоа додадете ја кората и исцедениот сок од мандарина.
После тоа, во смесата додадете каранфилче, цимет, ловоров лист и рендано мускатно оревче. Додадете ја ванилата, па истурете количина вино да го покрие шеќерот.
Кога ќе зоврие, оставете го напитокот да се готви околу 5 минути, додека не стане густ сируп.
Шеќерот и зачините прво треба фино да се загреат, бидејќи ако се загреат по додавањето на виното, алкохолот ќе испари.
Кога ќе се формира сирупот, намалете ја температурата и додадете го анасонот и остатокот од виното. Загрејте го виното на тивок оган и по пет минути истурете во чаши, декорирајте по желба и уживајте во вкусот.