Во јануари 1962 година, тогаш 26-годишниот моден дизајнер Ив Сен Лоран, кој дотогаш работеше за модната куќа Диор, за прв пат ја претстави колекцијата под свое име и влезе во модната историја. За да се одбележи оваа значајна 60-годишнина од креаторот на познатото „Le Smoking“, во познатите париски музеи ќе бидат поставени познати креации кои ќе фрлат ново светло на некои аспекти од неговата работа и ќе ги поврзат модните парчиња со уметничките дела што ги инспирирале.
Ликовната уметност и литературата беа вечен извор на инспирација за познатиот дизајнер, па дел од изложбата што ги истражува родовите кодови и врската помеѓу YSL и Марсел Пруст ќе биде поставен во Musee d’Orsay. Лувр ќе ја прикаже неговата фасцинација со светлината, златото и украсните уметности во Галеријата д’Аполон, а музејот Сен Лоран ќе прикажува архивски предмети кои го откриваат процесот на создавање на збирките.
Прославата на годишнината ги вклучува и Центарот Помпиду, Парискиот музеј за модерна уметност и Музејот на Пикасо со изложби кои ќе траат од 29 јануари до 15 мај 2022 година, па не се сомневаме дека нè очекува модерна и културно возбудлива пролет!