Откако Мадона објави свои експлицитни фотографии на Инстаграм, челниците на компанијата „Мета“, која е сопственик на споменатата социјална мрежа, решиле да ги отстранат.
Сепак, кралицата на попот реши повторно да ги закачи истите фотографии, но овој пат цензурирани, а остро им се обрати на одговорните повикувајќи на сексизам и дискриминација.
Пејачката истакна дека женската брадавица не треба да биде единствениот дел од телото на жената кој е експлицитен.
– Сè уште ми е зачудувачки фактот дека живееме во култура која дозволува да се покаже секоја педа од телото на жената, освен брадавицата. Како тоа да е единствениот дел од женската анатомија што може да се сексуализира. Брадавица која храни бебе! Зарем машката брадавица не може да се доживее како еротска?! А што е со женскиот задник кој никогаш никаде не бил цензуриран – напишала Мадона и додала дека четири децении се бори со цензура, сексизам, старосна дискриминација и мизогинија.
Набргу потоа следеше одговор од компанијата „Мета“, поранешен „Фејсбук“, која е сопственик на оваа социјална мрежа, која наведе дека правилата се исти за сите корисници, вклучително и за Мадона.
– Ја отстранивме објавата на Мадона за прекршување на нашите правила против голотијата на возрасните. Разбираме дека не секој секогаш ќе се согласува со нашето мислење за тоа каде ја повлекуваме линијата, но нашите правила се дизајнирани да им помогнат на луѓето од сите возрасти да се чувствуваат безбедно додека ги користат нашите апликации. Во исто време оставаме што е можно повеќе простор за изразување – рекоа тие, пренесува Си-Ен-Ен.
Портпаролот на „Мета“ додаде дека правилата во оваа област се сменети и дека голотијата во едукативен и здравствен контекст, односно доење, протести, уметнички дела и скулптури не е забранета.