Секоја жена и девојка која се грижи за својот изглед и ги следи трендови кога е шминката во прашање, со сигурност ќе ги искористи овие совети базирани на долгогодишното искуство на едни од најдобрите мејкап артисти.
Професионални четки
Есенцијалниот клуч кој треба да го поседувате за да го постигнете ефектот на одлична шминка се соодветни алатки. Како што секој мајстор на својот занает поседува низа алати со кои работи и твори, така и шминкерите имаат свои тајни помагачи, а тоа се четките. Вашиот комплет треба да вклучува осум основни четки: четка со која ја нанесувате основата (пудрата), четка за нанесување на коректор, четка за руменило, мала четка за нанесување сенка, четка за мешање на сенки во прав, четка за нанесување кармин, плосната четка за нанесување сенка, и прецизна аголна четка, која ви служи за вдлабнатиот дел околу окото и носот.
Четките се држат исто како кога цртате на бел лист хартија, баш како што тоа го прават уметничките сликари. Во зависност од тоа кој дел од вашето лице го шминкате и големината на четката што ја користите, така и дршката ја приспособувате на раката, па се движите од крајните делови се до почетокот на четкичката. Ако треба да притиснете тогаш четката ја држите подолу, а ко не тогаш погоре. Тоа е субјективно и секоја се приспособува на ситуацијата онака како му одговара на фатот на раката и осетот.
Подготовка и микс на основата т.е. пудрата
Ова е една од најголемите тајни на сите шминкери. Тие никогаш не користат само една нијанса на пудра која ја нанесуваат на лицето. Така и вие купете две или три основи кои се најблиску до вашиот тен и миксајте, за да можете да ја добиете совршената основа за вашето лице. Тапкајте ја пудрата на вашето лице за да може таа подолго да се задржи и нормално рамномерно нанесете, а се што е вишок отстранете.
Нанесете коректор како професионалец
Најголемата уметност на шминкање за некои стилисти е да имате способност да препознаете кои нијанси да ги искористите кога треба да го покриете црвенилото околу носот, темните кругови околу очите, некоја акна или пак лузна. За да го достигнете тој стадиум на идентификување на бои и нијанси треба да знаете кои бои со кои тонови се спротивни, за да креирате контраст, кој подоцна ќе изедначите со другите делови од лицето. Значи при употреба на коректор за темните кругови околу очите тој треба да биде една или две нијанси посветол од бојата на пудрата која ја користите, а за црвенилата пожелно е коректорот да има мат кафеаво-сива боја, за да може да го пигментира црвенилото или акната и потоа во комбинација со боата на пудрата да го изедначи тенот.
Фацијални контури
Контурите, или уште линијата и формата на лицето кај сите е различно. Е сега поради ова експертите имаат различни примери и модели а шминка кои треба да ги користите во зависност оф формата на вашето лице. На пример, ако имате тркалезно лице, а сакате да имате овално, тој ефект ќе го постигнете со употреба на бронзер кој е една или две нијанси потемен од тенот на вашата кожа. Треба да го нанесете на Т-зоната, делот кај што се спојува носот со челото, образите и брадата.
Оние пак кои имаат впечатливо и истакнато чело, треба да применуваат бронзер на надворешниот раб од челото и да ја следат линијата по должината на косата надолу, со цел да ја минимализирате таа област. Со помош на бронзерот може да го поправите вашиот широк и голем нос, преку истакнување на неговиот средишен дел и негово засечување од двете страни по линијата од каде почнува вашата веѓа на па надолу, по линијата на носот.
Променете го обликот на вашите очи
Веројатно најдоброто нешто во врска со шминката е фактот дека можете да ја искористите нејзината моќ за да ги поправите вашите несовршености и да доживеете комплетна трансформација на вашиот изглед. За тоа каков тип шминка одговара на формата на вашите очи пишувавме пред некој ден, но сепак еве ви повторно неколку трикчиња. На пример можете да ги издолжите вашите очи со примена на туш кој ќе го нанесете следејќи ја долната линија на окото, па продолжувајќи кон горниот дел, обидете да ги поврзете крајните и почетните делови на вашето око.
За дамите, со мали очи процедурата оди на следниов начин. Нанесете бела или беж сенка на капакот од вашите очи, со тоа што ќе поминете и на долниот и внатрешниот дел од окото. Исцртајте го со црно моливче цело око и засенчете во согласност со нијансата која ви одговара на вашиот изглед. Некогаш е убаво и да направите контраст на шминката со облеката, за да бидете по впечатливи, но тоа е ваш избор и зависи од приликата на која ќе присуствувате.
Совети од Анастасија Соар,светски познат шминкер
Анастасија е позната под псевдонимот „кралица на веѓите“, и има работено со голем дел светски познати ѕвезди, меѓу кои: Опра Винфри, Џенифер Лопез и Хајди Клум. Во поглед на шминка нејзина најпозната девиза е доколку имате светли очи кога се шминкате никако не користете светли сенки, туку секога потемни, бидејќи на тој начин го постигнувате контрастот и му давате впечатлив изглед на вашето око.
Совети од Никол Брил, светски познат шминкер
Таа работела со Иванка Трамп, Марија Меноунос и Брук Шилдс. Советот по кој таа ќе остане запаметена се однесува на маскарите. Вели дека на веќе исушена маскара треба да и се додадат неколку капки вода и ќе можете да ја користите уште неколку пати.
Совети од Сузан Џордано, светски познат шминкер
Сузан има соработувано со Алиса Милано, Кејти Холмс и Бритни Спирс. Нејзино решение доколку сте во дилема и не знаете која боја на шминка да ја користите, да одберете комбинација на црн туш и маскара. Тушот ќе го зајакне обликот на вашите очи, а маскарата ќе ги дефинира вашите трепки, а овој трик никогаш не излегува од мода.