Членот на екипата од снимањето на „Rust“, Меми Мичел, во тужбата изјавила дека според сценариото не било потребно да се пука со пиштол за време на сцената која Алек Болдвин ја вежбал, кога ја убил снимателката Халина Хачинс.
Нејзината адвокатка Глорија Олред ја потврди тужбата против Болдвин и другите филмски продуценти, објаснувајќи дека и актерите се одговорни за спречување на оваа трагедија, пренесува Ројтерс.
Супервизорот на сценариото Мичел во тужбата наведува дека Болдвин требало сам да провери дали пиштолот има боева муниција, а не да се потпира на тврдењето на помошникот режисер дека револверот Колт 45 е безбеден за употреба.
„Според нас, Болдвин играл руски рулет, одлучувајќи да не проверува дали пиштолот е наполнет пред да го земе“, вели Олред.
Во тужбата е наведено дека сценариото предвидувало три кадри, очите на Болдвин, дамки од крв и торзото на Болдвин „додека тој ја спушта раката и вади пиштол“, но „не се споменува дека Болдвин или некој друг треба да пука од пиштолот“.
Мичел тврди дека е извршен напад, предизвикана емоционална вознемиреност и намерно нанесување повреда, се вели во извештајот заснован на копија од судските документи.
Снимателката Халина Хачинс беше убиена на 21 октомври, а режисерот Џоел Соуза беше ранет кога пиштолот на Болдвин, за кој се мислело дека е безбеден, испука куршум за време на снимањето на филм во Ново Мексико.