Тие користеле антитела од ној за да создадат заштитни маски кои светат во темница под ултравиолетова светлина.
Маските за лице станаа задолжителни во многу земји во светот, па веројатно беше само прашање на време кога некој ќе создаде нивна „паметна“ верзија.
Имено, јапонските научници објавија дека користеле антитела од ној за да создадат маски кои светат во темница под ултравиолетова светлина и со нив можно е да се потврди дали просторијата е заразена со корона вирусот.
Необичниот метод на Јасухире Цукамото и неговите колеги од Универзитетот во Кјото наскоро би можел да овозможи евтино и брзо тестирање за корона вирусот дома.
Филтрите се обложени со антитела од ној
Врз основа на претходните истражувања кои покажаа дека птиците се многу отпорни на болести, јапонските научници одлучиле да ги обложат филтрите на маските со антитела од ној за да помогнат во откривање на лица заразени со корона вирусот.
Како што велат, на ноевите прво им инјектирале неактивен, безопасен облик на корона вирусот, па антителата ги извадиле на посебен филтер поставен во внатрешниот дел на маската.
Во случај лицето да е заразено, филтерот ќе светне под УВ светлина.
Идејата вродила со плод
Во едно мало истражување, учествувале 32 заразени лица кои биле следени 10 дена. Носеле маски, а по осум часа носење, филтрите биле отстранети и испрскани со хемикалија која свети во контакт со УВ светлина и вирусот.
Филтрите што ги носеле лица заразени со вирусот светеле во пределот на носот и устата.
Јасухиро Цукамото изјави за новинската агенција Кјодо дека и тој бил убеден дека е заразен со корона вирусот кога самиот ја носел експерименталната маска.
Дијагнозата е потврдена по стандардната процедура.
Цукамото е редовен професор на Факултетот за ветеринарна медицина и со години ги проучува ноевите, барајќи начини на кои нивниот имунолошки систем може да помогне во борбата против птичјиот грип, алергиите и другите болести.
Тој вели дека се надева дека во понатамошните истражувања ќе успее да тестира поголем број луѓе и да направи маски кои би блескале без употреба на УВ зрачење и хемикалии.