Актерката Меган Фокс со години се бори со здравствениот проблем познат како телесна дисморфија
Тоа е нарушување што ги погодува и мажите и жените. Меган за британскиот „GQ“ опиша како ова нарушување влијае врз неа и нејзиниот живот.
– Да, имам физичка дисморфија. Имам мноштво длабоко вкоренети несигурности. Никогаш не смееме да претпоставуваме како некој се чувствува. Гледаме во една личност и велиме, колку е убава, нејзиниот живот мора да биде лесен. А сигурно е дека таа не се чувствува така внатре – рекла Меган.
Иако не сакаше да открие какви симптоми има, познато е дека телесната дисморфија се карактеризира со опсесивна, неоснована грижа за недостатоците кога станува збор за физичкиот изглед.
Физичката дисморфија е сериозно ментално нарушување што го карактеризира искуството на болен човек дека делови од неговото тело се деформирани, непривлечни, грди, дури и одвратни, додека дефектот за кој зборува, всушност е едвај видлив или дури и не постои. Луѓето кои страдаат од ова нарушување се опишуваат себеси како гротескни, одвратни, се чувствуваат како другите да гледаат во нив како човек слон. Незадоволството е главно фокусирано на лицето и главата, делови од лицето, на кожата.
Таквите луѓе често го проверуваат својот изглед во огледало, бараат од другите уверување за тоа како изгледаат, а од друга страна инсистираат на грдоста на нивниот изглед. Други се занимаваат со екстремна диета, вежбање, проверка на нивното тело, купување и користење на разни козметички производи или барање разни козметички и хируршки третмани.
Дисморфофобија обично започнува во адолесценцијата, на возраст од 16 години. Промените во телото се случуваат брзо во тој период, а тие исто така влијаат на развојот на анксиозност.
Меган истакна дека нејзиното момче, раперот Мачин Ган Кели, и помогнало повторно да се чувствува стабилно и среќно.