ФБИ истражува дали е прекршен законот, а Џејми Спирс инсистира дека неговата ќерка знаела се за надзорот
На таткото на Бритни Спирс, Џејми Спирс, наскоро би можело ФБИ да го тропне на врата. Причината за ова можно сослушување лежи во наводите дека таткото на славната пејачка наводно ангажирал приватна компанија да ја надгледува комуникацијата на неговата ќерка – вклучително и она што се случувало во спалната соба на Бритни, без нејзино знаење и согласност.
ФБИ истражува дали е прекршен законот, а Џејми Спирс инсистира дека неговата ќерка знаела се за надзорот, пишува „Deadline“. Имено, според калифорнискиот закон, двете страни мора да се согласат за снимање на разговорот.
Ова предизвика бесна реакција на правниот тим на Бритни Спирс, кој тврди дека овие наводи се дополнителен доказ зошто итно треба да се прекине старателството над неговата ќерка.
„Господинот Спирс ги премина границите“, рече адвокатот Метју Розенгарт пред судот и тој, исто така, поднесе барање за сослушување за старателство закажано за во среда. „Иако не се докази, ние веруваме дека овие тврдења бараат сериозна истрага, бидејќи, меѓу другото, Калифорнија е држава каде што е потребна согласност од двете страни за вакво нешто“, наведува адвокатот.
Неговите забелешки се однесуваа на документарец на „Њујорк Тајмс“, со детали за овие наводи во врска со надзорот на славната пејачка. Алекс Власов, поранешен вработен во „Black Box Security“, во нов документарец вели дека телефонските повици и пораки на 39-годишната Спирс биле тајно снимени како дел од 13-годишното старателство од нејзиниот татко.
Адвокатот Розенгарт вели дека ова е дополнителен доказ за малтретирање на пејачката, која во јуни во судот изјави дека била принудена на контрола на раѓање, дека и е забрането да вози и дека нема право на глас кога станува збор за најосновните животни одлуки. Тој, исто така, додаде дека овие наводи оправдале итна истрага.
“Поставувањето уред за прислушување во спалната соба на Бритни би било особено непростливо и срамно, а исто така го потврдува нејзиното убедливо, потресно сведоштво. Ова мора целосно да се истражи”, додаде тој, нагласувајќи дека има намера да го отстрани старателството над 69-годишниот Спирс и дека ако тој се изјасни за Петтиот амандман, тоа би било осудувачки.
Самата пејачка не ги коментираше конкретните наводи за тајното снимање, но објави на Инстаграм дека имало многу грешки во фактите во документарниот филм „Контролирање на Бритни Спирс“. „Малку го гледав последниот документарец и жал ми е што морам да ве известам дека многу од она што го слушнавте таму не е точно“, рече пејачката.
Власов, кој работел во компанија за обезбедување осум години, додека не поднел оставка поради тајни снимки, инсистира на тоа дека пејачката била подложена на инвазивен надзор. Тој рече дека поднел оставка кога пејачката изјавила пред судот дека не се согласува со таа контрола на нејзиниот живот и дека смета дека е морално неприфатливо да се биде дел од оваа приказна. „Таа навистина ме потсети на некој што е во затвор, а нашата компанија беше доведена во позиција на чувар во затворот“, рече Власов, додавајќи дека му било кажано дека ја следат за нејзина безбедност и дека сака да биде заштитена.
Власов, исто така, откри дека сметката „iCloud“ на нејзиниот мобилен телефон била копирана на „iPad“, а подоцна и на „iPod“.
Сите комуникации што вклучуваа текстуални пораки, белешки, повици, историја на прелистувачи и фотографии, сите беа преземени од „iPad“ и „iPod“, шифрирани, а потоа испратени до Џејми Спирс и Робин Гринхил, поранешната деловна менаџерка на имотот на Бритни.