Редовните интимни односи, покрај тоа што придонесуваат за блискоста на партнерите, го подобруваат физичкото и менталното здравје. Водењето љубов го активира целиот наш мозок, го зголемува лачењето на многу супстанции кои поттикнуваат добро расположение, го намалуваат стресот и релаксираат, но дали знаевте дека жешката акција не прави попаметни?
Еве три начини на кои водењето љубов е добро за вашиот мозок.
Го изострува умот
Всушност, постојат неколку начини на кои жешката акција не прави попаметни. Прво, водењето љубов го активира целиот наш мозок. Кога правиме „вежби“ за мозочните виуги, како што се решавање крстозбори, судоку или играње шах, само одредени области од нашиот мозок се активни. Но, водењето љубов ја „осветлува“ целата наша сива мозочна маса, што го прави многу поефикасен начин за одржување на когнитивното здравје.
Покрај тоа, интимните односи ги подобруваат нашите аналитички способности. Кога сме интимно активни, нашиот мозок е фокусиран на сегашниот момент. Овој тип на фокус всушност го изострува конкретното размислување, вербалната и визуелната перцепција, визуелно-просторната ориентација, па дури и јазичните вештини.
Ја подобрува меморијата
Се покажа дека интимниот однос го стимулира растот на нови мозочни клетки, првенствено во хипокампусот. Овој дел од мозокот е од витално значење за запомнување и складирање информации. Кога се тестираат, сексуално активните луѓе подобро ги паметат зборовите и имаат подобри резултати во визуелното и вербалното препознавање. Истражувањата покажаа дека паровите кои имаат здрав интимен живот со текот на годините, исто така, покажуваат побавен пад на меморијата.
Го подобрува расположението
Најпознатата реакција на мозокот за водење љубов е начинот на кој прави да се чувствуваме добро. Ова се должи на ослободување на моќни супстанции како што се допамин, окситоцин, вазопресин, серотонин и норепинефрин. Овие хемикалии имаат силен ефект врз нашето тело и ни помагаат да се поврземе со партнерот, но и го подигаат расположението.
Често кога нашиот мозок ослободува окситоцин, добиваме и поголема количина на мелатонин, неврохемикалија која работи со намалување на нивото на кортизол, со што се намалува стресот и вознемиреноста. Покрај тоа, интимниот однос го намалува крвниот притисок со зголемување на протокот на крв низ нашето тело. Ова помага не само за здравјето на срцето, туку и за подобро снабдување на нашиот мозок со кислород што доаѓа преку крвта.